/ Прочитано:

1.060

Холандски модел на аукции за продажба на државните деловни згради и простории

Вторник, 28 октомври 2014 – Нови измени на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија се наоѓаат во собраниска процедура.

Со овие измени,образложуваат од Владaта, треба да се подобри постапката за електронско јавно наддавање и нејзино прилагодување на холандскиот модел на аукции (Dutch auction), начинот на пријавување на понудувачите и потребните документи за поднесување пријава за учество.

„Со оваа измена се менува начинот на продажба и давање под закуп на деловните простории, односно наместо досегашниот модел за одредување на цената по метар квадратен ќе се користи вкупната цена на деловниот простор кој што е предмет на продажба или давање под закуп. Наместо досегашната обврска понудувачите да достават депозит во висина од 2 до 5 % од почетната вредност на јавното наддавање, се воведува обврската за доставување на банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 2 % од почетната вредност на јавното наддавање“, пишува во предлод-законот.

Притоа, со измените се предвидува и изрекување на забрана за учество во постапките за јавно наддавање за отуѓување или давање под закуп на деловни простории на понудувачот кој во рок од 15 дена нема да ги уплати средствата за деловниот простор. Исто така се брише ставот 8 од членот 5 на основниот текст со кој беа предвидени ограничувања на минималниот чекор во јавното наддавање.

„Со оваа измена на законот се предвидува поднесувањето на пријавите да се врши исклучиво по електронски пат. Со членот 2 на овој закон се менува начинот на спроведувањето и текот на електронската аукција. Со членот 3 се додава нов член 6-а, со кој што се регулира дека доколку субјектите кои ќе продаваат или даваат под закуп деловен простор во објавата пропишат услови за учество на огласот, освен доказ за идентитетот на понудувачот и банкарска гаранција, задолжително бараат мислење од Советот за јавни набавки доколку пет или помалку од пет домашни и пет или помалку од пет странски субјекти можат да ги исполнат условите од огласот“, пишува во предлог-законот.

Пред објавување на огласот, лицата кои ги дефинираат условите за учество се должни да изготват соодветно образложение за оправданоста за нивно користење по претходна анализа на пазарот и да дадат извештај до одговорното лице на субјектот со предлог во смисла за потребата од обезбедување на согласност од Советот за јавни набавки. Врз основа на прифатениот извештај од одговорното лице кој содржи предлог за потреба од обезбедување на согласност се доставува барање за согласност кој ќе одговори на барањето во рок од десет работни дена од денот на приемот на истото, а ако не одговори на барањето во рокот ќе се смета дека дала согласност.

>>>П Р Е Д Л О Г – З А К О Н за изменување и дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија