/ Прочитано:

811

Хрватска ќе ѝ испорача на Германија уште еден поранешен шеф на УДБА

Среда, 16 април 2014 – Врховниот суд на Хрватска одлучил на Германија да ѝ го испорача и поранешниот челник на југословенската тајна служба, Здравко Мустач, пренесува Хина.

Германија го бара Мустач поради сомневање дека бил вмешан во убиството на политичкиот емигрант Стјепан Ѓурековиќ во 1983 година во Минхен, а поради овој случај на Германија претходно и беше испорачан и поранешниот југословенски и хрватски разузнавач Јосип Перковиќ.

Адвокатот на Мустач, Лидија Хорват во вторникот за хрватските медиуми потврдила дека Врховниот суд ја одбил жалбата на одбраната и Обвинителството, на решението на судот во Вараждин да го одобри испорачувањето на Мустач, врз основа на европскиот налог за апсење.

Врховниот суд на почетокот од годината во истиот случај ја одби и жалбата на Јосип Перковиќ, против судот во Загреб за неговото испорачување на Германија.

Потоа Уставниот суд ја одби уставната тужба на одбраната на правосилната одлука за испорачување, со што беше отфрлена и последната можност Перковиќ да избегне испорачување на Германија, и на крајот на јануари тој конечно им беше испорачан на германските власти.

За разлика од загрепскиот окружен суд и Врховниот суд, кои во истиот случај го одобрија испорачувањето на Јосип Перковиќ, судот во Велика Горица во јануари поради застареност одби да го испорача Мустач.

Меѓутоа на оваа одлука се пожали вдовицата на убиениот Ѓурековиќ, Гисела Ѓурековиќ, по што Врховниот суд ја прифати жалбата и го укина решението на судот во Велика Горица. Поради недостаток од судии, судот во Велика Горица побара предметот да биде доделен на некој друг суд, па така тој се најде пред судиите во Вараждин, кои кон крајот на март го одобрија испорачувањето.