/ Прочитано:

691

Хрватска: Студент, новоизбран градоначалник, се откажа од општинската плата додека општината „не застане на нозе“

Петок, 11 април 2014 – Новоизбраниот градоначалник на хрватската општина Задварје, кој има 23 години и е студент по електротехнички науки се откажа од платата додека, како што вели, „општината не застане на нозе“.

Младиот градоначалник, Иван Кржељ, се откажа од својата градоначалничка плата со цел да и помогне на малата општина економски да закрепне заради истрошениот и задолжен буџет.

Неговата поамбициозна цел е со новите проекти да ги врати младите во општината и да го мотивира земјоделството како перспективна гранка во својот роден крај.

Покрај него, и неговата заменичка Ивана Крниќ, исто така се откажа од својата плата.

Младиот градоначалник наследил испразнет буџет од своите „повозрасни“ претходници кои ја задолжиле општината со десетици илјади евра и, како што вели, долговите за почеток нема да му ги расипат плановите, ниту да го демотивираат за што презема и конкретна акција – почнувајќи од самиот себе.

„Доста гледавме како луѓето само бегаат од земјава за нова работа, сакам да ја променам таа ситуација, да не си одат повеќе од тука“, енергично вели младиот општински лидер.

Тој перспективата ја гледа во земјоделството, кој и самиот го практикува како дејност, но и во развојот на туризмот и сигурен е дека со посветеност и чесност ќе има успех на секое поле, затоа што првенствено треба да се започне со работа на „земјоделското поле“.