/ Прочитано:

949

ХРВАТСКИТЕ МЕДИУМИ: Уставната тужба за Санадер е усвоена, пресудата е укината и судењето ќе мора да се повтори

Петок, 24 јули 2015 – Уставниот суд на Хрватска ја укина пресудата на поранешниот премиер Иво Санадер и нареди повторно разгледување на случајот, јавуваат хрватските медиуми.

Информацијата за укинување на пресудата ја објави „Јутарњи лист“. Според весникот, судот одлуката ја донел на седница одржана во вторникот, но не се објавуваат причините за поништување на правосилната пресуда на Санадер и кои негови уставни права биле нарушени со неа.

„Дали одлуката е донесена едногласно и кои ќе бидат нејзините конкретни последици не успеавме да дознаеме, освен што е извесно дека судењето на Санадер ќе мора да се повтори, затоа што како што ни е потврдено, уставната тужба e усвоена со што правосилната пресуда се укинува“, пишува весникот додавајќи дека инфомацијата е потврдена од повеќе високи извори на хрватското правосудство.

Според хрватското законодавство и Устав секој може да поднесе уставна тужба, ако смета дека со поединечен правен акт на орган на државната власт, тело на локалната самоуправа или правно лице со јавни овластувања со кој е одлучувано за неговите права или обрски или за сомнежите или обвиненијата за кривично дело, му е повредено човековото право и основните слободи.

Инаку, информацијата за укинувањето на пресудата на Санадер предизвика бурни реакции во хрватската јавност. Пратеникот Бранко Вукшиќ вели дека на почетокот сметал дека веста е несериозна, но потоа  констатирал дека всушност е несериозно хрватското правосудство.

„Дали воопшто некој од бившите и сегашните луѓе на власт воопшто е крив за кражбите од вселенски размери. Судејќи по пресудите на хрватските судови – малку кој. Крив е изгледа единствено народот кој трпи неправда. И одлуките на Уставниот суд треба да се забранат затоа што Уставниот суд почнува да арбитрира. Уставниот суд не поништува закони туку поединечни пресуди и се наметнува како тој да е Врховниот суд, а според Уставот не е“, вели Вукшиќ.

Во 2011 година поранешниот премиер Иво Санадер беше обвинет дека примил поткуп од 10 милиони евра од генералниот директор на унгарската компанија МОЛ,  за добивање на контролен пакет акции во хрватската нафтена компанија ИНА.

Обвинението беше споено со претходно отвореното обвинение за незаконско збогатување за време на војната во 90-тите години, кога како заменик министер за надворешни работи Санадер земал од австриската банка „Хипо“ 545.000 евра провизија за кредит, што Хрватска го добила од неа.

Санадер по овие две обвиненија беше осуден на 10 години затвор, но минатата година Врховниот суд ја намали пресудата на 8,5 години.

М.В