/ Прочитано:

1.610

„И адвокатите имаат интерес од арбитражата не само како застапници туку и како арбитри“ — проф. д–р МИХАЈЛО ДИКА

Зошто арбитража и кои се нејзините предности и перспективи? На овие прашања одговара професорот Михајло Дика, претседател на  Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Хрватска и еден од иницијаторите за потпишување на Договорот за соработка меѓу Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Хрватска и Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Македонија.

Експедитивност и доверба

За професорот Дика, причината зошто странките првенствено имаат повеќе бенефиции од арбитражата е поради самата експедитивност на постапката, но и поради довербата.

 „Арбитражата е побрза и често пати е поквалитетна. При тоа може да се изберат луѓе во кои странките имаат доверба. Исто така, арбитражната одлука со меѓународен елемент може да се изврши насекаде во светот, за разлика од судските одлуки“, посочува професорот Дика.

Професорот појаснува дека при арбитражната постапка често пати може да се договори јазикот кој се познава, може да се договори правото кое се познава и може да се користат домашните адвокати. За професорот арбитражата е одлика на правната култура.

Арбитражата е одлика на правната култура

„Со арбитражата воедно се поттикнува и правната култура. Прашањето за арбитражата, всушност, е одлика на правната култура. Затоа е неопходно да се промовира арбитражата “, вели Дика.

Тој посочува дека арбитражата треба да допре до оние што одлучуваат во фирмите и компаниите, како што се директорите, и токму тие треба да одлучат до која мера е важно да се договори арбитража наместо надлежност на државниот суд.

„А тоа е многу едноставно. Наместо да кажат  дека ќе биде надлежен судот, треба да кажат дека ќе биде надлежна арбитражата. За нив тоа е значително побрза постапка, нема жалба, нема ревизија. На прв поглед изгледа дека е поскапо, но кога ќе ги земете предвид сите трошоци, таа е значително поевтина“, објаснува Дика.

За него е неспорно дека и адвокатите имаат интерес од арбитражата и притоа посочува дека на хрватската листа арбитри има адвокати што извонредно ја извршувале улогата на арбитри.

 И адвокатите имаат интерес од арбитражата

„Адвокатите имаат интерес од арбитражата, но не само во делот да ги застапуваат странките. Ние во Хрватска имавме проблем да им го објасниме тоа на нашите адвокати. На пример, адвокатите можат да бидат и арбитри. На нашите листи се наоѓаат и адвокати и тие се одлични арбитри. Дури и како арбитри се построги спрема своите колеги отколку судиите на државните судови, кои, исто така, може да бидат арбитри“, вели професорот.

Дика објаснува дека во светот денес постои широка распространетост на арбитражите и дека тие си конкурираат на глобално ниво. Регионалните арбитражи, додава тој, се конкурентни на европските поради поевтините услуги, иако се на исто рамниште на квалитетот.

Регионалните арбитражи овозможуваат значително поевтини услуги 

„Што се однесува до регионалната арбитража, ние мора да бидеме свесни дека постои меѓународен арбитражен пазар и дека постои голема и сериозна конкуренција. Затоа  ние  мора да настојуваме да ги користиме овие наши институции што ги имаме бидејќи овозможуваат значително поевтини услуги отколку некои центри на пример во Париз, Виена, Стокхолм или во Њујорк“, нагласува професорот и претседател на хрватскиот арбитражен суд при Стопанската комора во Хрватска, кој како суд важи за лидер во регионот по бројот на постапките и предметите.

Според податоците што ги соопштува професорот, во Хрватска  во однос на Македонија има неколку пати повеќе предмети на годишно ниво.

„Во последните 20 години имавме предмети на спорови што сме ги решиле во вредност од 700 милиони евра. Сега најголемиот спор што го водиме е 40 милиони долари. Тоа се сериозни предмети. Решаваме сериозни граѓански спорови во врска со автопатите што ги градевме во Хрватска и она што е многу важно ниту една арбитражна одлука не е побиена“, вели Дика.

Потребна е промоција и засилена соработка

Тој ја гледа иднината на арбитражата во регионалното поврзување и во склучувањето на договорите за соработка, па преку таквото поврзување и преку заедничката соработка не само што ќе се засили промоцијата на арбитражата, туку и ќе се биде конкурентен на светско ниво.

„Се надевам дека во регионот ќе има договори за соработка меѓу хрватската, македонската, словенечката и српската арбитража  и правните субјекти од регионот споровите ќе ги решаваат пред нашите арбитражи отколку да трчаат по светот, а нудиме еднакво квалитетна услуга, но многу поевтина“, нагласува Дика, советувајќи дека мора да се биде рационален.

Како заклучок, неговиот совет за арбитражата е краток и јасен: Размислите, пресметајте и бидете рационални!

Проф. д-р Михајло Дика е еден од иницијаторите за потпишување на Договорот за соработка меѓу Правниот факултет во Скопје и Правниот факултет во Загреб, како и на Договорот за соработка меѓу Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Хрватска и Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Македонија. За почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е промовиран на 23 мај 2005 година.

М.В / veljanoskim@akademik.mk 19.5.2015