/ Прочитано:

1.239

И Јавното обвинителство ќе ги следи изборите за да спречи нерегуларности

Како што информираат од Јавното обвинителство, Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности треба да дејствува превентивно во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија.

Јавно обвинителство на Република Македонија

Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски,  донел Одлука за формирање на привремена Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборниот процес на 5 јуни 2016 година.

Како што информираат од Јавното обвинителство, Комисијата треба да дејствува превентивно во насока на заштита од криминални или други противзаконски дејствија.

„Членови на Комисијата се јавни обвинители од Јавното обвинителство на Република Македонија, од четирите виши јавни обвинителства и од Основното јавно обвинителство – Скопје. Членовите на Комисијата се задолжени да го следат изборниот процес и притоа за сите настани за кои ќе оценат дека даваат индиции за евентуално сторени изборни нерегуларности да даваат задолженија за итно постапување од страна на надлежните обвинителства“, стои во соопштението на Обвинителството.

Во насока на сеопфатност во постапувањето, Комисијата ќе отвори нова службена електронска адреса за пријавување на изборни нерегуларности на која ќе можат да пријават незаконско постапување во врска со изборниот процес сите граѓани или претставници на граѓански организации, велат од Обвинителството.