/ Прочитано:

878

И претставници од контрапленумот се сретнаа со Иванов

Вторник, 13 јануари 2014 – Претседателот Ѓорге Иванов го повтори својот став дека дијалогот, т.е. размената на идеи и иницијативи, е единствен начин што може да доведе до успешна трансформација на високото образование, соопштија од Кабинетот по денешната средба на шефот на државата со претставниците на т.н. професорски контрапленум.

„На средбата претседателот Иванов и претставниците на иницијативата разменија мислења за севкупните состојби во високото образование во Република Македонија и се согласија за неопходноста од спроведување реформи, како и за потребата од квалитетно високо образование. Претседателот Иванов уште еднаш изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и изрази жалење што денеска беше одбиена иницијативата за одржување заедничка средба на претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, соопшти Кабинетот на Иванов.

Во ист состав како Студентскиот и Професорскиот пленум, кои вчера се сретнаа со Иванов, денеска со шефот на државата се сретнаа двајца професори и двајца студенти од Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование.

Тие сметаат дека реформите се во интерес на студентите, на професорите и во интерес на развојот на Република Македонија.

Професорите Татјана Каракамишева и Владимир Камиловски изразија жалење оти нивните колеги од Професорскиот пленум не ја прифатиле поканата на Претседателот за заедничка средба и велат дека не се за поделби, туку се залагаат за конструктивен дијалог.