/ Прочитано:

713

И Врховниот суд на Словенија ја потврди казната за Јанез Јанша

Четврток, 2 октомври 2014 – Словенечкиот Врховен суд ја потврди пресудата на Вишиот суд, според која поранешниот премиер Јанез Јанша е осуден на две години затвор поради корупција.
Врховниот суд ја одби жалбата на Јанша, а одлуката е усвоена со три гласа „за“ и два „против“.
Одлуката на Врховниот суд ќе биде објавена откако сите страни во постапката ќе бидат известени. Јанша, лидер на главната опозициска Словенечка демократска партија, прогласен е за виновен минатата година во Судот во Љубљана за примање мито од финансискиот производител „Патрија“ при купувањето на оклопни транспортери за армијата на Словенија.  Пресудата во април годинава ја потврди и Вишиот суд, по што Јанша во јуни започна да ја отслужува казната затвор во Доб во близина на Љубљана, но сепак, еден месец подоцна, се кандидираше на предвремените избори. Неговата партија се најде на второто место по гласови и Јанша успеа да го врати своето место во Парламентот. Поради ова на поранешниот премиер му беше дозволено да го напушти затворот за да присуствува на редовните седници во Парламентот. Експерстка комисија во моментов разгледува дали овој аргумент се уште треба да остане на сила. Согласно словенечкиот закон, граѓанинот може да се кандидира за пратеник додека e на издржување на затворска казна, но пратеничкиот мандат може да биде суспендиран доколку тој е осуден на повеќе од шест месеци затвор.  Јанша, кој судскиот процес против него го нарече политички лов на вештерки, беше премиер во два наврати – прво од 2004 до 2008 година, а потоа 2012 до 2013. За време на вториот мандат, тој беше принуден да поднесе оставка од владата поради наводите за корупција.