/ Прочитано:

1.272

Иџет Мемети: Во транзитните центри нема услови за остварување на правата на барателите на азил

На Конференцијата за правото на азил за бегалците и мигрантите од блискоисточните кризни жаришта народниот правобранител, Иџет Мемети ја нагласи обврската на народните правобранители гласно да говорат за овој проблем проблем.

Бегалски камп

„Мигрантската криза која во изминатите две години беше резултат на бегалскиот бран од блискоисточните земји и од Северна Африка кон Западна Европа е вистински тест за почитувањето на правата на мигрантите и на бегалците“, истакна денеска народниот правобранител Иџет Мемети на Меѓународната конференција посветена на правото на азил.

Во своето обраќање пред учесниците на Конференцијата, на која присуствуваа народни правобранители, претставници на канцелариите на Високиот комесаријат за бегалци при ОН, како и голем број невладини организации и претставници на државните институции, Мемети ја нагласи обврската на народните правобранители гласно да говорат за овој проблем проблем.

 „Преку вакви средби разменуваме добри практики во насока на подобрување на условите за бегалците и притисок врз властите за похуман третман бидејќи досегашните политики и активности што ги презедоа државите во однос на мигрантската криза се незначителни. Станува збор за ранлива категорија луѓе, но, државите сè уште гледаат на нив како на потенцијални безбедносни ризици“, нагласи Мемети.

Според последните податоци, во транзитните центри во Гевгелија и во Табановце има повеќе од 200 бегалци, од кои, како што потенцираше народниот правобранител, некои побарале азил.

„Иако дел од бегалците кои се сместени во транзитните центри во земјава изразиле желба за азил, тие се сè уште таму, а таму нема услови за остварување на нивните права како баратели на азил, затоа треба да бидат префрлени во соодветните сместувачки капацитети“, апелираше Мемети.

Уште еден проблем со кој се соочуваат бегалците е протерување без соодветна процедура и евиденција. Според народниот правобранител, тоа претставува ризик и по самите бегалци, но може да биде и потенцијален безбедносен  проблем. Затоа Мемети позитивно ја оцени одлуката на македонските власти за изменување на постојниот закон, па и за донесување на нов Закон за азил во согласност со меѓународните документи.

А. Б.