/ Прочитано:

1.789

ИКТ-ФОРУМ ЗА ПОДОБРА РЕГУЛАТИВА: За да не си заминуваат инженерите во странство, потребна е нова регулатива за работните односи

Денеска Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) одржува форум за регулатива на работните односи и пазарот на труд во рамки на ИКТ-секторот. Форумот се организира од страна на МАСИТ во рамки на проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ во кој МАСИТ е партнер заедно со Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал.

Целта на проектот е да им помогне на микро, малите и средните компании да бидат подобро усогласени со законската регулатива, а воедно да им помогне и на бизнис организациите да воспостават конструктивен дијалог со надлежните институции во насока на подобрување на регулативата.

На домашниот пазар на труд, беше посочено на денешниот настан, има недостиг од 15 проценти од инженерски  кадар и  потребни се измени на законската регулатива, со што ќе можат да обезбедат стимулации со кои ќе ги задржат инженерите што заминуваат во странство. Измени се потребни и во делот на оданочување на примањата на инженерите, во делот за практикантство и за работа од дома.

„Даночниот систем треба да биде поспецифично прецизиран околу примањата на ИТ-инженерите кои не можете да ги задржите без 1.000 или 1.500 евра плата, а тој нема ниту стан, допрва создава семејство. Со Владата ќе се разговара за специјална регулатива затоа што иако фирмите ги вработуваат младите инженери веднаш по образованието и ги обучуваат, откако ќе ги добијат сите сертификати тие заминуваат во странство“, истакна Антова Пешева, заменик претседател на Управниот одбор на МАСИТ.

Во таа насока, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, посочи дека предлозите и забелешките од ИКТ-секторот ќе бидат дел од анализите при изготвувањето на новиот закон за работни односи што треба да биде донесен следната година.

„За да може да ја зголемиме вработливоста на младите и на повозрасните во вашиот сектор, мора да донесеме закон за практикантство во кој ќе вклучиме вработување на студенти, со цел компаниите да имаат подобра подготовка на кадарот“, истакна Царовска, додавајќи дека треба да се донесе колективен договор на ниво на гранков синдикат.

Според Дејвид Атбери, директор на Mисијата на УСАИД во Македонија, сегашната регулатива ги попречува светските практики за стимулации како работа од дома, бонуси, стажирања, флексибилно работно време. Ако не се решат овие прашања, можe да станат бариера за идниот развој во секторот.

Компаниите од ИКТ-секторот повеќепати ја нагласуваат потребата од законски измени. Компаниите бараат државата да го заштити регуларниот пазар со ИКТ-производи и опрема и со ригорозна контрола, инспекции и активности за совладување на сивата економија. Контролите треба да се одвиваат постојано, како на границата на Република Македонија, така и на внатрешниот пазар. Компаниите бараат и итни решенија со усогласување на регулативата за употреба на ИТ-опрема.

М.В