/ Прочитано:

770

„Илјада“ причини за законска измена: Либерализацијата на пазарот на електрична енергија од 2016 година

Вторник, 14 октомври 2014 – Предложеното пролонгирање на либерализацијата на пазарот на електрична енергија доби поддршка во Собранието на Република Македонија. Со измените што беа изгласани се предлага либерализација да се одвива во пет фази, да почне од 1 јули 2016 и да заврши во јули 2020 година кога треба да излезат на слободен пазар и домаќинствата.

Основната цел на изгласаните законски измени да се заштити стандардот на граѓаните, бидејќи анализите покажале дека доколку се излезе на слободен пазар сега сметките за домаќинствата ќе се зголемат за над 20 проценти, наведуваат од Министерството за економија

„Не станува збор за одлагање, туку за продолжување на рокот за либерализација на пазарот на електрична енергија. Најден е метод за да не се зголеми цената кај крајните потрошувачи. Ако го дозволевме тоа сега кај 620 илјади корисници ќе се зголемеше цената на сметката во просек за 1.000 денари“, вели заменик-министерот за економија Христијан Делев,  додавајќи дека неколку месеци Владата и Министерството за економија работеле на оваа проблематика со цел да се најде најсоодветно решение и оти по ова прашање се исконсултирани сите релевантни институции.

Христијан Делев објаснува дека со измените се предвидува либерализацијата на пазарот на електрична енергија да започне на 1 јули 2016 година за корисниците со потрошувачка од над 1.000 мегават часови годишно, на 1 јули 2017 за оние со потрошувачка од над 500 мегават часови, на 1 јули 2018 за потрошувачите со потрошувачка од над 100 мегава тчасови, на 1 јули 2019 со над 25 мегават часови годишно и на 1 јули 2020 година за сите останати потрошувачи и за над 600.000 домаќинства.