/ Прочитано:

9.125

ИМАНУЕЛ КАНТ ЗА ЕТИКАТА И ПРАВОТО: „Ако исчезне праведноста, човековото живеење ја губи вредноста“

Познатиот германски филозоф, професор и етичар, Имануел Кант (22 април 1724 ‐ 12 февруари 1804)  вели дека етиката се заснова на разумот, а не само на чувствата и оттука, разумот е извор на моралните норми, но и на моќта за создавање на поими и судови.

Основата на етичкото дејствување е слободата

За Кант етиката е основа на човековото живеење, додека пак, основата на етичкото дејствување е слободата. Етиката е следење на моралниот закон и должност и таа му дава вредност на човековиот живот. Во таа смисла, човекот треба да постапува така што максимата на неговата волја секогаш би  имала вредност како принцип на сеопшто законодавство.

Постапувај само според онаа максима за која во исто време сакаш таа да стане универзален законПостапувај така што човештвото, како во твојата, така и во личноста на секој друг човек, секогаш би го употребувал само како цел, а никогаш како средство!”, вели германскиот идеалист.

Како што истакнува Кант, моралниот закон е закон на должноста и на определување на моралните постапки преку почитување на законот, но и преку стравопочит кон својата должност. Моралниот закон е создаден од умот: разумот е „законодавец“ на моралниот закон затоа што единствено умот има таква рационална сила.

Според законот, истакнува германскиот просветител и етичар, човекот е виновен доколку ги повреди правата на дугите, но според моралниот закон и етиката тој е крив со самата помисла да го направи тоа.

„Две нешта ја исполнуваат душата секогаш со понов и со поголем восхит – тоа се ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“, нагласува Кант.

 Автономијата на волјата е морален принцип

Според германскиот филозоф, природната состојба на човекот е состојба на насилство, беззаконие и бесправност и човекот мора да излезе од таа состојба, станувајќи дел од она што го нарекувал граѓанска состојба. Во таквата граѓанска состојба ќе се почитуваат и применуваат граѓанските слободи и правата на еднаквост, а луѓето ќе бидат под словото на законот, на правото и на етичкото однесување.

Во таа смисла, Кант го дефинира правото како вкупност на услови под кои може да биде соединета волјата на еден со волјата на друг според општите закони на слободата.

„Дејствувај така што правилото на твоето постапување сите разумни суштества да можат да го усвојат како закон“, истакнува Кант,  укажувајќи  дека и автономијата на волјата притоа е морален принцип. Свеста има своја внатрешна законитост и нужност, а добрата волја безусловно е добра.

Кант правото го дели на природно и позитивно право. Позитивното право, пак, го дели на приватно и јавно право, кое е составено од националното, меѓународното и космополитското право.

Принципите на слободата и еднаквоста се клучни за јавното право 

Принципите на слободата и еднаквоста се клучни за јавното право кое идеалистички е насочено и кон создавањето на космполитското право. Само општеството кое е засновано на начелата на слободата, еднаквоста и независноста може да обезбеди слобода на поединецот. Меѓународното и космополитското право глобално водат кон „вечен мир“. Кант во својата филозофија и етика иманентно место дава и на праведноста, која ја поврзува со вредноста на човековото живеење.

Ако исчезне праведноста, човечковото живеење ја губи вредноста, истакнува Имануел Кант.

Универзитетскиот професор и етичар, Кирил Темков, вели дека Имануел Кант е најголемиот апологет на автономијата на волјата како услов за етика и како најголем апологет на автономијата на волјата, обврзноста на моралниот закон ја поставува како највисоко правило на човековото живеење.

„Можеби е најточно кантијанското разликување дека етиката се однесува на безусловната, а правото на условната нормативна активност.  Етиката би била градење и следење на идеалите, дејствување според вредностите, а правото градење и следење на прописите, дејствување од нужда. Во моралот се дејствува од своја интенција и со слободна одлука, во правната сфера со притисок и од желба да се сочува социјалниот интегритет, положбата, да се реализираат соодветните ревандикации и ред и личноста да не си се нанесе штета од она што е посилно од неа“, констатира Темков.

М.В

24.9.2015