/ Прочитано:

1.367

Имплементирање современи трендови за поголема продуктивност на компаниите преку користење воздухоплови за комерцијален транспорт

Извршниот директор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), Александар Зарков, потпиша Меморандум за соработка со директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија (АЦВ), Горан Јандреоски.

Целта на Меморандумот е зајакнување на деловната соработка на неколку актуелни полиња за компаниите навремено да бидат информирани во врска со едукативните и проектните активности, како и редовно консултирање при донесување на регулатива во надлежност на АЦВ, за поголема  продуктивност на компаниите.

„Меморандумот е, всушност, официјализирање на нашата досегашна соработка и нејзино интензивирање. ССК заедно со Агенцијата за цивилно воздухопловство во согласност со регулативата ќе ги детектираат најсовремените трендови кои треба да ја зголемат продуктивноста на компаниите, а притоа да се запази општествената одговорност.  Тука спаѓа и овозможување на користење воздухоплови за комерцијален транспорт, воведување  нови дестинации што придонесува за полесна комуникација со потенцијални партнери и инвеститори од странство, користење на карго-транспорт, како и користење на воздухоплови за специјализирани услуги и воздухоплови без екипаж, популарно наречени дронови, во различни сектори и области од индустријата, а особено во земјоделството каде што светските искуства кажуваат дека овој начин е далеку попродуктивен и поекономичен од конвенционалниот метод кој чини поскапо и за кој е потребно повеќе време. Започнувајќи од овој пример во секторот на агробизнисот, заедно ќе работиме на детектирање на трендовите и во другите сектори како индустрија, туризам и во согласност со регулативата ќе ги следиме и промовираме трендовите кои генерираат поголема продуктивност кај компаниите“, изјави Зарков.

Директорот на АЦВ, Јандреоски, по потпишувањето на Меморандумот истакна дека двете институции заемно ќе работат на размена на искуства, стручни знаења, едукација и усовршување кадри во различни области од заеднички интерес.

„Главните регулаторни функции на Агенцијата за цивилно воздухопловство се однесуваат на обезбедување безбедносно работење на субјектите на воздухопловната индустрија, како и на безбедно одвивање на целокупното воздухопловство во Република Македонија. Соработката со Сојузот на стопански комори е од голема важност и претставува импулс повеќе во развојот на севкупните општествени процеси, кои налагаат заедничка активност со компаниите за што подобри резултати.  Заедно ќе работиме на едукација, заедничко учество на меѓународни настани, обуки, конференции, проекти кои ќе придонесат за реализација на зацртаните цели и јакнење на меѓусебната соработка“, изјави Јандреоски.

М.В