/ Прочитано:

868

Информативната слобода e фундаментално човеково право

Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер го одбележува 10-годишниот јубилеј од своето основање. Со одржувањето на свеченоста по тој повод на 28 септември, Комисијата дава свој конкретен придонес и во одбележувањето на Меѓународниот ден за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кој се одвива под мотото „Имам право да знам“, а го симболизира глобалното движење во светски рамки за промоција на правото на пристап до информациите.

akademik foto 1

„Расте бројот на граѓаните што како поединци поднеле жалби за кршење на нивното право до слободен пристап на информации од јавен карактер. Тоа покажува јакнење на свеста на граѓанинот како поединец за индивидуалното право, но и обврска да биде информиран“, беше истакнато на денешниот настан. Според претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер во изминативе десет години направила квалитетен чекор напред во остварувањето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер, како еден од темелните демократски принципи.

 На глобално ниво информативната слобода e фундаментално човеково право и основа за сите слободи за кои се бори Организацијата на обединетите нации.

„Секој има право на слобода на мислење и изразување. Ова право ја вклучува и слободата да се застапува одредено мислење без никакво вмешување и да се бараат, да се примаат и да се даваат информации и идеи преку различни видови медиуми и без оглед на границите“, се вели во членот 19 од Универзалната декларација на ООН.

Европската конвенција за заштита на човековите права пропишува дека секој има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Поаѓајќи од универзалните вредности и нормативи, слободниот пристап до информациите се гарантира и во Уставот на РМ.

„Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации“, се вели во членот 16 од Уставот, врз кој е базиран и Законот за слободен пристап до информациите.

Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, јавните установи и служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес, утврдени со закон.

Комисијата е независен државен орган кој работи и донесува одлуки во согласност со надлежностите утврдени во членот 32 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Комисијата за својата работа одговара пред Собранието на Република Македонија, до кое поднесува Годишен извештај.

Комисијата е составена од претседател, заменик на претседателот и три члена кои функцијата ја извршуваат професионално, со мандат од 5 години, со право на повторен избор. Во согласност со надлежностите утврдени со Законот, Комисијата одлучува по жалби против решение и заклучок со кои имателите на информацијата го одбиле барањето за пристап до информации на барателите на информации; се грижи за спроведување на одредбите на Законот за слободен пристап до информации; подготвува и објавува листа на иматели на информации; врши едукација на имателите и барателите за постапката по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер; соработува со меѓународни организации и со институции на другите земји од областа на слободниот пристап до информации од јавен карактер; подготвува предлог-буџет на Комисијата и врши други работи во согласност со Законот.

Комисијата како второстепен орган одлучува по жалбите поднесени против решенијата и заклучоците на имателите на информации и по жалбите поднесени во случаи кога имателите не постапиле по барањата за пристап до информации од јавен карактер во законски предвидениот рок, односно кога постои т.н. „молчење на администрација“.

Право на жалба, во согласност со Законот, има само барателот кој поднел писмено барање за пристап до информации од јавен карактер. Жалбата, во согласност со Законот, може директно да се поднесе до Комисијата, или ако се примени Законот за општата управна постапка, жалбата може да се поднесе и преку имателот на информации. Доколку жалбата директно е доставена до Комисијата, таа веднаш по добивањето ја препраќа до имателот на информацијата, кој во рок од три дена треба да се произнесе по жалбата и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот. До Комисијата, како второстепен орган кој одлучува по жалбите од барателите на информации, во текот на 2015 година поднесени се вкупно 960 жалби.

„Во извештајната 2015 година се забележува незначително зголемување на поднесените жалби – 960, во споредба со 2014 година кога до Комисијата беа поднесени 849 жалби. Според содржината на жалбите евидентирани во Комисијата, во 2015 година 874 жалби се поднесени поради молчење на имателите на информации, односно поради непостапувањето на имателите на информации по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер во законски предвидениот рок од 30, односно 40 дена“, посочуваат од Комисијата.

Според податоците на Комисијата, може да се заклучи дека поголемиот број на жалби се изјавени против државни институции, здравствени организации, општини, образовни институции, јавни претпријатија и установи, правни и физички лица кои вршат јавни овластувања и против судска власт.

„Иако во надлежностите на Комисијата стои дека ‘Комисијата се грижи за спроведувањето на овој закон’, Комисијата како независен државен орган нема право да врши надзор над спроведувањето на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и да води прекршочна постапка, како што е тоа случај со другите регулаторни тела во државата. Во членот 45-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, донесен 2010 година, е прецизирано дека ‘за прекршоците утврдени со овој закон прекршочната постапка ја води и прекршочни санкции изрекува надлежниот суд’. Комисијата уште од почетокот на примената на Законот сметаше дека директното изрекување на прекршочните санкции од страна на Комисијата ќе доведе до поефикасно водење на прекршочната постапка, а со тоа и до зголемување на ефикасноста на спроведувањето на одредбите на Законот“, велат од Комисијата.

M.В