/ Прочитано:

1.758

ИНФРАСТРУКТУРНИОТ КАТАСТАР Е ВО ФУНКЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА И РАЗВОЈОТ – Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности на РМ

Законот за катастар на недвижности и новиот Закон за градежно земјиште содржат повеќе решенија кои предизвикуваат најразличен правен третман во практиката, особено во поглед на уредувањето на градежното земјиште и воспоставувањето подземна, надземна и патна инфраструктура и нејзините карактеристики, како што се: премерот, легализацијата и уредувањето.

foto akademik

Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Славче Трпески, кој ќе биде предавач на обуката во организација на Академикна тема „Инфраструктурни објекти, постапка за легализација, запишување во катастар, запишување права врз инфраструктурни објекти“, вели дека на воспоставувањето на инфраструктурниот катастар му претходел период на опсежни анализи, а процесот на неговото воспоставување се заокружил успешно, па денес тој е ставен и во функција на развој на економијата.

На донесувањето на Законот му претходеа опсежни анализи

„Подземниот катастар го воспоставивме во 2013 година со новиот Закон за катастар на недвижности и со тоа подземната и надземната инфраструктура стана составен дел од Законот за катастар на недвижности, што за првпат беше правно регулирано во Република Македонија. Со тоа инфраструктурите за првпат станаа предмет на запишување од страна на Катастарот, дотогаш Катастарот запишуваше само земјиште и објекти. По донесувањето на Законот, веќе во 2014 година, поточно на 22 април 2014 година, ја запишавме првата инфраструктура, по што го издадовме и првиот имотен лист.

foto akademik

На донесувањето на Законот му претходеа опсежни анализи на состојбата со инфраструктурите во Република Македонија и овие анализи покажаа дека за 99 % од инфраструктурите кои се поставени во Република Македонија нивните иматели немаат документација. Тоа беше логично бидејќи претходно не ни постоела законска регулатива со која би се пропишало издавањето на решенија или одобренија за градба, како што е тоа денес, а морале да се градат далноводи, морале да се градат патишта, морале да се градат водоводи. Оттаму, констатиравме дека оваа инфраструктура нема да може така лесно да се запише во Катастарот без да го помине процесот на легализација. Постапката за легализација на бесправно изградените објекти беше започната уште во 2011 година, но во тој период многу малку компании имаа поднесено барање за легализација на бесправно изградени инфраструктури“, вели Трпески.

По оваа анализа, додава Трпески, Агенцијата констатирала дека морало да се пристапи кон легализирање на сите бесправно изградени објекти, а со тоа и на инфраструктурните објекти.

„Но претходно се пристапи и кон неопходните измени на Законот за легализација на бесправно изградените објекти и се продолжи рокот со кој им се даде можност на сите иматели на инфраструктури дополнително да поднесат барање за легализација на овие инфраструктури.  Овој рок истече на 31 март оваа година и според информациите што ги имаме и со кои располагаме, а тоа се пред сè информации од Министерството за транспорт и врски, има преку 10 000 нови барања токму за легализација на инфраструктурни објекти“, вели Трпески.

foto akademik

Тој образложува дека започнувањето на процесот на запишување и легализација на инфраструктурните објекти првенствено започнало со креирањето на законската рамка, а потоа и со донесувањето на подзаконските акти.

Консултации со холандскиот и со словенечкиот катастар

„За целиот процес, законската рамка и подзаконските  акти, имавме соработка и консултации со холандскиот и со словенечкиот катастар, како и со голем број на експерти кои дојдоа во Македонија за таа цел. Треба да се нагласи дека тука се работи за нешто што е ново, што се разликува во многу аспекти од катастарот за земјиштето и од катастарот за недвижностите. Во таа насока, ние се соочивме со една специфична ситуација која беше наш предизвик бидејќи Катастарот практично не работел такво нешто претходно. Но, целиот тој процес заврши успешно. Благодарејќи на нашите пријатели од Европа и од светот, успеавме да го реализираме процесот, да ги донесеме неопходните подзаконски акти, успеавме да го надградиме електронскиот катастар, но успеавме и сите геодетски елаборати кои се прават да бидат електронски. На тој начин, создавајќи ги потребните претпоставки и технички услови, денес легализацијата е во полн ек, многу компании имаат ангажирано приватни геодетски фирми кои излегуваат на терен и вршат премер на истите“, вели Трпески.

Директорот Трпески додава дека при активностите на фирмите се појавуваат и извесни проблеми, кои се од имотноправен карактер и кои се поврзани со одредени решенија во постојното законодавство.

foto akademik

„Имено, нашиот Закон за легализација на бесправно изградени објекти дозволува легализација само ако земјиштето е ваше или ако има согласност од сопственикот на тоа земјиште. Има еден исклучок кој се однесува на градските средини каде што ако објектот е изграден на приватно земјиште, но ако тоа земјиште претходно било национализирано, во такви случаи тоа да може да се легализира. Но, далноводите ни се низ целата држава. Главен проблем е ако еден далновод, односно една бандера од тој далновод паѓа во некое приватно земјиште и не може тој далновод да се легализира. Но, сите овие прашања се разработени и за нив, секако, подетално ќе стане збор на обуката на Академик“, вели директорот на Агенцијата за катастар на недвижности.

Инфраструктурниот катастар е ставен во функција за развој на економијата

Трпески вели дека главна работа при спроведувањето на инфраструктурниот катастар е тој да биде ставен во функција за развој на економијата, што воедно било и примарната цел и заложба при неговото воспоставување.

„Има една работа која сакам да ја споменам. Главна работа при спроведувањето на овој инфраструктурен катастар е тој да биде ставен во функција за развој на економијата, а тоа се согледува на тој начин што по запишувањето на инфраструктурите, веќе предностите од тоа ги препознаваат банките. Веќе почнаа да се засноваат хипотеки, да се даваат средства и да се градат нови инфраструктури. Неодамна, за првпат во Република Македонија тоа и се случи, на веќе запишан инфраструктурен објект беше запишана и првата хипотека. Се работи за мала хидроцентрала, каде што за нејзиниот цевковод се запиша хипотека во вредност од 2,1 милиони евра. И тука првпат се случи да имаме процена на инфраструктурен објект направена од страна на проценител. Се работи за многу нова работа, па по консултациите што ги направивме со други проценители, коментарите беа дека се работи за доста интересна и перспективна новина. Веќе се во тек и други инфраструктури што се запишани во Катастарот, а за кои се запишуваат хипотеки. Банките го препознаваат тоа, а со други зборови, подземниот катастар веќе се става во функција на економијата“, вели  Трпески.

akad 2

„Исто така, нешто што го очекуваме да дојде, а не е дојдено, е закупот. Значи, покрај хипотеките и закупот станува возможен. Значи, сега и едно оптичко влакно може да се даде под закуп. Потоа, исто така, може да се врши продажба на инфраструктурите, да премине инфраструктурата од еден сопственик на друг. Значи, во таа насока се раздвижува еден голем пазар кој беше затворен и кој не го гледавме“, додава директорот Трпески.

Новости во Законот за градежното земјиште

Во однос на решенијата во Законот за градежното земјиште, Трпески истакнува дека со овој закон подетално се дефинираат начините како да се добие одобрение за градба на инфраструктурен објект и како да се добие предбележување на тој инфраструктурен објект. Законот, појаснува Трпески, ја предвидува и постапката за упис и добивање на имотен лист.

„Значи, генерално работите се поделени на два дела – нешто што е старо и веќе изградено и нешто што мора да ја помине постапката за легализација и постапката за сите нови инфраструктурни објекти во смисла на добивањето на решение за градба и запишувањето во катастарот по неговата изградба“, појаснува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија,  Славче Трпески, кој ќе биде предавач на обуката во организација на Академик, на тема „Инфраструктурни објекти, постапка за легализација, запишување во катастар, запишување права врз инфраструктурни објекти“.

М.В