/ Прочитано:

1.826

Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата

Постојните нормативни решенија предизвикуваат нееднаквост и правна несигурност, бидејќи само мајката може да поднесе барање за родителски додаток за трето дете, а не и таткото. Секако, правото на родителскиот додаток мајката го остварува доколку ги исполнува сите услови кои произлегуваат од законската регулатива. Според Народниот правобранител, оваа одредба од Законот е дискриминаторска, односно го става таткото во нерамноправна положба во однос на мајката, што е спротивно на Уставот.  

Народниот правобранител на Република Македонија до Министерството за труд и социјална политика поднесе Иницијатива за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата. Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик на Народниот правобранител, на денешната средба со новинарите истакна дека постојните нормативни решенија предизвикуваат нееднаквост и правна несигурност, бидејќи само мајката може да поднесе барање за родителски додаток за трето дете, а не и таткото. Секако, правото на родителскиот додаток мајката го остварува доколку ги исполнува сите услови кои произлегуваат од законската регулатива.

„Во случаите кога мајката не ги исполнува условите, односно не вршела редовни гинеколошки прегледи за време на бременоста, доколку не се врши задолжителна вакцинација на детето или пак не е запишано во училиште, во тој случај, во согласност со постојниот закон бидејќи ниту таткото не го остварува правото на додаток за трето дете, односно нема право да поднесе барање, семејството останува без финансиските средства кои се првенствено наменети за подобрување на животниот стандард на семејството кое има трето дете.

Според Народниот правобранител, одредени законски услови што мајката треба да ги исполни за да го добие правото на додаток за трето дете, во пратика се контрадикторни и се основа за нееднаков пристап меѓу граѓаните. 

„Во практика ова е контрадикторно бидејќи сме сведоци дека во определени општини како во Шуто Оризари жените се соочуваат со години со неможноста за пристап до гинеколог, што значи дека не исполнуваат еден од условите. Информациите со кои располага Народниот правобранител покажуваат дека во најголем број случаи ранливите категории се оние што не можат да го остварат правото за додаток на трето дете“, нагласи Бајрамовска. 

Според Народниот правобранител, оваа одредба од Законот е дискриминаторска, односно го става таткото во нерамноправна положба во однос на мајката, што е спротивно на Уставот.  

„Пристапот до ова право на таткото како родител, на кој во согласност со правната регулатива, меѓународните конвенции и обврската подеднакво да се грижи за развојот на детето, тоа му е овозможено само во случај кога мајката не е жива или кога таа од оправдани причини не може да се грижи за детето. Тоа значи дека таткото е исклучок, што сметаме дека претставува дискриминација по основ на пол и има основа за промена на Законот за заштита на децата“, појасни Бајрамовска.

Народниот правобранител, тргнувајќи од принципот на еднаквост и рамноправност на половите со кој жената и мажот се изедначени во своите права и обврски, цени дека оваа еднаквост и рамноправност на жената и мажот треба да бидат согледани и во односите како брачни другари, како сопружници, но и во правата и обврските како родители при вршењето на родителските права и обврски, без ниту еден од родителите да биде доведен во нееднаква состојба.

Оттука, според Народниот правобранител, крутоста на правната норма каква што е одредбата од член 38 од Законот за заштита на децата е на штета на едниот родител, односно таткото и не е во конзистентност со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за еднакви можности, како и други законски прописи со кои се забранува дискриминацијата меѓу половите.

Освен овие забелешки, Бајрамоска нагласи дека во постојната законска регулатива постои и голема нелогичност бидејќи корисниците на социјална парична помош и други видови социјални примања не може да остварат право на родителски додаток за трето дете, додека лицата кои се во работен однос го остваруваат ова право и тоа без оглед на висината на примањата.

„Ваквата парадоксална фактичка состојба доведува споменатите одредби да се во спротивност и со принципите на правичност и праведност, со начелото на обезбедување социјална правда, хуманост и солидарност, како темелни вредности на Република Македонија. Токму затоа Народниот правобранител оцени дека за надминување на ваквите состојби и постигнување доследно почитување на Уставот и правото на надоместок за трето дете, Министерството за труд и социјална политика треба да направи сеопфатна анализа на постојното законско решение.

А. Б.