/ Прочитано:

1.087

Иницијативата „Спас за Валандово“: Не е постигнат цензусот за излезност на референдумот

Според сè уште неофицијални податоци, на референдумот организиран од страна на Иницијативата „Спас за Валандово“ на кој гласачите се изјаснуваа дали се „за“ или „против“ продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и дали се „за“ или „против“ отворање рудници за метални суровини на територијата на нивната општина не е постигнат цензусот за излезност на 51 отсто од граѓаните, што значи дека референдумот не е успешен.

На одржаниот референдум на кој граѓаните на Валандово даваа одговор на прашањата: дали се „за“ или „против“ продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и дали се „за“ или „против“ отворање рудници за метални суровини на територијата на нивната општина, гласале вкупно 4.700 луѓе, информира  Иницијативата „Спас за Валандово“.

Оттаму истакнуваат дека според сè уште неофицијални податоци, на референдумот не е постигнат цензусот за излезност на 51 отсто од граѓаните, што значи дека референдумот не е успешен.

На синоќешната прес-конференција, Кристијан Балески од Иницијативата „Спас за Валандово“ истакна дека во текот на денот имало многу притисоци како од страна на локалната самоуправа, така и од страна на компанијата „Сардич“ и Украинската амбасада.

„Ова личеше на сè само не на мирен референдумски ден. Наместо жителите на општина Валандово на овој ден, како во секоја демократска земја, да излезат и да го дадат својот глас, тие беа сардисани од сите страни“, потенцираше Балески, обвинувајќи дека покрај притисоците врз граѓаните, бил нарушуван и референдумскиот молк со делење пропагандни материјали, со реклами на Радио Валандово и со агитирање од страна на противниците на референдумот и од претставници на една политичка партија.

Иницијаторот на референдумот појасни дека непосредно пред неговото одржување имало и телефонски јавувања од, како што рече, носители на јавни функции, кои на вработените им се заканувале со помали плати и отпуштања, а на пензионерите им велеле дека ќе им ја прекинат пензијата.

„Имаме повеќе од 10 документирани случаи на гласачи кои беа вратени од избирачките места, бидејќи ги немало на список, а ги има во електронскиот избирачки список. Самите списоци не беа пречистени, односно имаше и починати граѓани“, изјави Балески.

На вчерашниот референдум во Валандово право на глас имаа 10.141 граѓани.

A. Б.