/ Прочитано:

1.117

ИНСПЕКЦИСКИ СОВЕT: Најмногу поплаки за пазарните и трудовите инспектори

Вторник, 30 јуни 2015 – Правните и физичките лица најмногу се жалат на пазарните и трудовите инспектори, информираа денеска од Инспекцискиот совет.

Според Советот, ова е разбирливо ако се има предвид фреквентноста на нивната работа, односно бројот на субјекти за кои се надлежни.

„Концентрацијата на поплаките е пред сѐ кај пазарните и трудовите инспекторати бидејќи нивниот број на субјекти за надзор е најголем“, велат оттаму.

Поплаки има  и на сметката на инспекторите за храна и ветеринарство, но и кај другите.

Пред почетокот на 56. седница на Инспекцискиот совет, претседателот Ванчо  Каргов апелира граѓаните слободно да доставуваат претставки, по пошта, електронски или со СМС.

За оваа намена, посочи тој, идниот месец ќе биде отворена и посебна телефонска линија.

Претставка против инспектор поради чие решение фирмата ги изгубила клиентите

Одговарајќи на новинарски прашања, Каргов рече дека за трудовата инспекција најмногу поплаки има во делот на донесените решенија за исплатени плати, годишни одмори, службени патувања, додека за пазарната во однос на решенијата за фирмарина.

„Дури има и претставка против инспектор поради чие решение фирмата ги изгубила клиентите и бизнисот воопшто“, информира претседателот на Советот.

Од почетокот на годинава Инспекцискиот совет разгледал 27 претставки. За три е утврдено дека има основа за поведување дисциплинска постапка, за десет дека нема, а за останатите во тек се постапките за утврдување основа.

 Покрај овие претставки за инспектори на државно ниво, Советот добил и 60 претставки за инспектори од општините и Градот Скопје.

„За нив не сме надлежни, само ги препраќаме до општините и тие потоа преземаат соодветни мерки“, рече Каргов.

На денешната седница Инспекцискиот совет ќе разгледува десет претставки – пет против трудови инспектори (еден од Струмица и четири од Скопје), два против инспектори од Дирекцијата за заштита и спасување, како и по една за сообраќаен, просветен и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство.