/ Прочитано:

2.811

ИНТЕГРАЛНО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ: Целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела

Вторник, 15 септември 2015 – Јавниот обвинител има целосна автономија во истражувањето и гонењето на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Ниту еден јавен обвинител во Јавното Обвинителство на Република Македонија, вклучувајки го и Јавниот Обвинител на Република Македонија, не може да влијае на неговата работа, или да бара извештаи поврзани со предмети од Јавниот Обвинител или јавните обвинители во рамките на Јавното Обвинителство, се вели во Предлог-законот Законот за специјален обвинител именуван како Предлог-закон за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. 

Во тимот – обвинители, стручни соработници, експерти, советници и истражители

Функцијата специјален обвинител  кој, според Предлог-законот, раководи со Јавно Обвинителство ќе биде извршувана од јавен обвинител лично и јавните обвинители избрани во Јавното Обвинителство кои му/и помагаат. Всушност, според законското решение,  специјалниот обвинител е предвидено да  предложи листа на кандидати до Советот на Јавни обвинители од редот на постојните јавни обвинители за избор во Јавното обвинителство. Тој може да основа специјализирани одделенија во своето Обвинителство, вклучувајќи и тие кои имаат обвинители кои ќе застапуваат по предмети пред апелационите судови и пред Врховниот Суд.   Специјалниот обвинител исто така може да вработи стручни соработници, експерти, советници, истражители и административен персонал да работи во истражниот центар.

Мандат од 4 години со право на повторен избор

Според Предлог-законот, Советот на јавни обвинители по предлог на Собранието, без објавување на јавен оглас, го избира Јавниот обвинител, со мандат од 4 години со право на повторен избор.

„Собранието ќе го утврди кандидатот за Јавен обвинител со двотретинско мнозинство, вклучувајќи и мнозинство од гласовите на пратениците кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство и ќе го поднесе до Советот на јавни обвинители на Република Македонија. Советот ќе го избере јавниот обвинител на седница на која се присутни најмалку две третини од вкупниот број членови“, се наведува во законското решение.

Владата е обврзана да да обезбеди финансиски средства за непречена работа на обвинителот

Специјалниот обвинител, се вели во законското решение,  ќе има обезбедено соодветни финансиски ресурси.

„ Во рок од 30 дена од назначувањето, Јавниот Обвинител ќе поднесе општ работен, персонален и финансов план до Собранието за известување. Во рокот од став (2) на овој член Јавниот Обвинител ќе го поднесе општиот работен, персонален и финансов план до Владата на Република Македонија и Советот на Јавни Обвинители за имплементација.

Владата на Република Македонија е обврзана да обезбеди финансиски средства за непречена работа на Јавното Обвинителство согласно планот од став (2) на овој член, не подоцна од  35 дена од влегување во сила на овој закон.

Јавниот Обвинител може да поднесе дополнителни барања за финансирање на неговиот или нејзиниот напредок во работата“, се вели во Предлог-законот.

Платата на специјалниот обвинител се предвидува да биде 10% пониска од платата на Јавниот обвинител на Република Македонија.

Министерството за правда да обезбеди простории во рок од 3 дена

Министерството за правда, според законското решени, е должно да обезбеди основни простории за работата на Јавниот Обвинител во рок од 3 дена од стапувањето во сила законот, а комплетни просторни услови за Јавното обвинителство во рок од 35 дена од стапувањето во сила на законот.

„Просториите ќе бидат надвор од објектите на Јавното Обвинителство на Република Македонија со цел да се постигне фактичка и соодветна изтражителска и обвинителска независност.

Министерството за Правда ќе му обезбеди на Јавното Обвинителство доволни компјутерски и информатички ресурси. Јавниот Обвинител ги има сите овластувања и надлежности во поглед на пристап до податоци и информации како Јавниот Обвинител на Република Македонија и Основниот јавен обвинител за организиран криминал и корупција“, се вели во Предлог-законот.

Предлог-законот содржи 23 одредби и се заснова на начелата: законитост, автономија на Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, хиерархија и субординација.

Претставниците на четирите партии по долгите преговори што траеја до раните утрински часови, се договорија Катица Јанева, Јавен обвинител  на Основното јавно обвинителство Гевгелија, да биде специјалниот јавен обвинител, што ќе ги расчистува случаите „Пуч“ и „Прислушување“.

>> Предлог-закон за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. 

Е. П.