/ Прочитано:

1.645

ИНТЕРВЈУ – ПРОФ Д-Р ГОРАН КОЕВСКИ: Постапката за утврдување кандидат за декан на „Јустинија Први“ е целосно легитимна и легална

Не можам да се сметам ниту за de facto ниту за de jure декан на Правниот факултет сѐ додека не се заврши предвидената законска постапка против конечниот управен акт. Во согласност со упатството за правно средство содржано во Решението на Второстепената комисија, а верувајќи во правната држава, јас, како заинтересирана страна, веќе поведов управен спор пред Управниот суд на Република Македонија. Исто така, управен спор поведе и мојот матичен Правен факултет, објаснува во интервјуто за АКАДЕМИК, проф. д-р Коевски, кој иако уште во мај годинава од Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан први“ беше предложен за нов декан никако да го преземе деканското кормило. 

Професоре Коевски, прашањето што не можеме да го заобиколиме во овој миг и што посебно ја интересира стручната и пошироката јавност е зошто не можете да го преземате деканското кормило на Правниот факултет „Јустинијан Први“?

Се работи за конечно и извршно Решение на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка од 23.7.2015 г., со кое се наложува поништување на Одлуката за започнување на постапка за утврдување на кандидат за избор на декан, која ја донесе Наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“на 13.5.2015 година. Со ова, всушност, се потврдува првостепеното решение на Државниот просветен инспекторат при Министерството за образование и наука на Република Македонија од 15.6.2105 г., со кое се прогласува за противправна и незаконска спомената одлука на Наставно-научниот совет на Правниот факултет. Оттука, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Велимир Стојковски, не може да ја продолжи предвидената редовна постапка за мојот избор на декан, односно не може да ме избере како единствен утврден кандидат за декан на Правниот факултет, ниту пак сенатот при УКИМ може да го потврди мојот избор од страна на ректорот.

Се очекуваше сега, имајќи во вид дека бевте предложен  за нов декан на 13.5.2015 год., да застанете на чело на Правниот факултет. Кои се пречките за ефектуирање на Одлуката на Научно наставниот совет за избор на нов декан?

На 19.6.2015 година, во согласност со постапката утврдена со Статутот на УКИМ, бев утврден како единствен кандидат за декан од страна на Наставно-научниот совет на факултетот и бев предложен за избор до ректорот, каде што „заглави“ самата постапка.

Во меѓувреме, на седницата на Деканатската управа од 25.8.2015 година и на седницата на Наставно-научниот совет на Факултетот од 26.8.2015 година едногласно беше донесен заклучок и едногласно беше заземен став да се достави барање до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со коешто ќе се побара и ќе му се даде поддршка на ректорот да ме назначи за в.д. декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.  Барањето до ректорот беше доставено на 27.8.2015 година.

Во правните кулоари се плетат разни приказни околу Правниот факултет „Јустинијан први“ и околу изборот на нов декан. Ве молиме да нѐ информирате од прва рака што се случува?

Според мене, Државниот просветен инспекторат при вонредниот надзор требало да утврди дали се исполнети правните претпоставки за донесување на Одлуката за започнување на постапка за утврдување на кандидат за избор на декан, а кои се пропишани во Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тие се: одлуката да биде донесена пред да започне периодот од шест месеци од истекот на мандатот на деканот проф. д-р Борче Давитковски  и одлуката да ја донел Наставно-научниот совет на Факултетот, кој е надлежен орган. Несомнено е дека и двете претпоставки се целосно исполнети. Наместо тоа, инспекторите се занимавале со утврдување на факти поврзани со други прашања: дали оставката на деканот проф. Давитковски претставува автоматски престанок на функцијата на деканот на Правниот факултет пред истекот на мандатот; зошто ректорот на УКИМ сѐ уште не се изјаснил по оставката на проф. д-р Борче Давитковски; зошто ректорот не донел одлука за назначување на в.д. декан на Правниот факултет; кој орган е надлежен да започне постапка за избор на декан на Факултетот; дали со тоа одговорните лица на УКИМ и на Правниот факултет ги повредиле одредбите на Законот за високото образование и општите акти на УКИМ и на Правниот факултет и слично. Фактите што ги утврдил Државниот просветен инспектор би биле решавачки доколку надзорот требало да утврди дали закажувањето и водењето на седницата на Наставно-научниот совет од 13.5.2013 година од страна на деканот во оставка, проф. Давитковски, откако веќе имал поднесено оставка, било спротивно на Законот за високото образование и на актите на УКИМ. Секако, доколку утврдел Државниот просветен инспектор дека овие дејствија на деканот се противправни, тоа би резултирало и со противправност на сите одлуки донесени на таа седница на Наставно-научниот совет, но и на сите седници на Наставно-научниот совет што следувале по поднесувањето на оставката до денес. Вака излегува дека Државниот просветен инспекторат во својот вонреден надзор селективно се насочил само кон една одлука, што е далеку од секаква правна логика и расудување.

Ќе повторам, неподелен е ставот на колективот дека целата постапка и сите преземени активности и донесени одлуки од деканот, од Деканатската управа и од Наставно-научниот совет на Факултетот во постапката за утврдување кандидат за декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се целосно легитимни и легални.

Познато е дека политиката стои како Дамоклов меч над правото. Kолку во одлуката на Просветниот инспекторат и на Второстепената комисија по жалби гледате правни, а колку политички аргументи?

Како професор по право, во првостепеното и во второстепеното решение гледам првенствено недостиг од правна аргументација и резонирање, а за политички аргументи не би можел да коментирам. Сепак, посредно, во содржината на решенијата гледам обид да се спречи сосема легитимниот автономен избор на декан од страна на професорите на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Вие сте de facto новиот декан кој и de jure требаше да ја преземе функцијата во еден мошне деликатен период кога поранешниот декан даде оставка поради политичкиот притисок. Дали очекувавте дека работите ќе се одвиваат во оваа насока?

Не можам да се сметам ниту за de facto ниту за de jure декан на Правниот факултет сѐ додека не се заврши предвидената законска постапка против конечниот управен акт. Во согласност со упатството за правно средство содржано во Решението на Второстепената комисија, а верувајќи во правната држава, јас, како заинтересирана страна, веќе поведов управен спор пред Управниот суд на Република Македонија. Исто така, управен спор поведе и мојот матичен Правен факултет.

Дали актуелните случувања ги доживувате како политички притисок уште пред преземањето на функцијата? Вие сте професор по деловно право и во постапка на непријателско преземање (hostile takeover) има мерки што се преземаат за тоа да се спречи кои се нарекуваат „отровни пилули“ (poison pills). Кои се Вашите „отровни пилули“ за политичкиот притисок ?

Пред сѐ, би укажал дека досега не сум имал никаков политички притисок во врска со моето назначување за декан на Правниот факултет. Од друга страна, не знам колку може да се прави споредба меѓу институтите на приватното (деловното) право и на јавното (административно) право, па „непријателските преземања“ и „отровните пилули“ да ги ставаме во контекст на актуелната состојба во врска со мојот избор. Заштитните механизми ги наоѓам во законските и подзаконските акти кои се однесуваат на автономијата на универзитетот. Имено, во одредбата содржана во членот 65 став 4 од Законот за високото образование се упатува дека прашањето за начинот и постапката за избор и разрешување на деканот поблиску се уредува со правилникот на единицата (факултетот), во согласност со статутот на универзитетот. Ова, пак, е во согласност со членот 13 од истиот закон, според кој автономијата во управувањето со универзитетите се изразува, меѓу другото, и со: донесувањето на статутот, односно правилникот на единицата (факултетот) и преку изборот, именувањето и отповикувањето на органите. Во согласност со статутот на Универзитетот. Значи, треба да се почитува она што е предвидено со Статутот на УКИМ и со Правилникот на Правниот факултет и тоа, според мене, е сосема доволен механизам за заштита на автономното функционирање на Универзитетот и на Правниот факултет во негов состав или, како што велите Вие во Вашето прашање, доволен механизам за заштита од „непријателско преземање“.

Правниот факултет треба да биде храмот на правото и правдата. Ако вака стојат работите на Правниот факултет, што треба да очекуваме во други институции?

Не би можел да коментирам како стојат работите во други институции во државата, а што се однесува до мојот случај, ќе повторам дека искрено верувам во правната држава и ќе оставам да се заврши постапката, претпоставувам во разумен рок, пред Управниот суд.

Вашите студенти често Ве цитираат дека велите: „Правото во книгите се разликува од правото во практиката“. Дали и со поништувањето на одлуката за неодамнешниот избор на нов декан се потврди оваа Ваша теза?

Со оглед дека за првпат се јавувам како странка во некој судски спор, ќе оставам да го видиме исходот пред Управниот суд. Како професор, често со студентите анализираме и коментираме одредени судски одлуки, но првенствено во функција на развивање на вештините и способностите на студентите за правно резонирање во зададена ситуација. Сепак, се работи за две сосема различни работи.

Професоре Коевски, настрана од актуелните случувања со изборот на декан, нѐ интересира што е ново кај Вас од научна гледна точка и професура?

Во моментов сум прилично ангажиран во проектот за изработка на Граѓанскиот кодекс на Република Македонија, како раководител на подгрупата за изработка на трговските договори. Прилично предизвикувачка работа, особено што треба да се заземат ставови по многу прашања, како што се: дали им треба некаква ревизија на постојните трговски договори во Законот за облигационите односи во согласност со современите трендови во домашниот, но и во меѓународниот промет на стоки и услуги; дали во Граѓанскиот кодекс треба да се вклучат некои од договорите на автономната трговска практика и кои и слично.

Дали една од „жешките теми“ во корпоративното управување е ревизијата, особено внатрешната ревизија?

Ревизијата, вклучително и внатрешната ревизија, се секако едни од „жешките теми“ на корпоративното управување. Јас сум член на Македонскиот институт на директори, кој истовремено е член на EкоДa – Европска конфедерација на институти на директори и преку ова членство континуирано добиваме најнови информации за она што е ново и што се подготвува во рамки на Европската Унија во сферата на корпоративното управување. Така, покрај реформите во ревизијата, како главни теми се споменуваат: зголемениот акционерски активизам, преку олеснето вршење на правата на акционерите; структурата на одборот на директори во поглед на бројот на членови, компетенциите, возраста, полот и слично; кои се најдобри политики за наградување и исплати на директорите; нормативниот пристап во уредувањето на овие прашања – дали да биде врз основа на ригидни правни правила или да се уредат флексибилно, само на начелно ниво и слично.

Во стручната јавност Ве сметаат за креатор на јавното мислење за корпоративно управување. Кој е Вашиот став во однос на предвидената обврска во ЗТД дека секое акционерско друштво е должно да назначи внатрешен ревизор. Се менува ли со оваа законска обврска моделот на корпоративно управување во акционерските друштва?

Во одговорот на претходното прашање нагласив дека зголемениот акционерски активизам е една од главните теми на корпоративното управување во рамки на ЕУ. Целта е да се развие ликвиден пазар на капитал и наместо луѓето да штедат во банки, поактивно да се вклучат во индустријата за хартии од вредност, односно своите заштеди делумно да ги вложуваат и во акции и други хартии од вредност. Тоа, секако, бара потранспарентно работење на акционерските друштва и обелоденување на голем број информации, како од финансиска така и од нефинансиска природа. На нормативен план ова го бара и процесот на хармонизација на нашето право со компаниското право на ЕУ. Оттука, ја разбирам потребата на законодавецот да ја транспонира обврската во ЗТД секое акционерско друштво да биде должно да назначи внатрешен ревизор. Би додал дека препораките на европското компаниско право се овие барања да бидат пофлексибилно поставени и да не бидат непотребно наднормирани бидејќи во спротивно би станеле тешко сфатливи и тешко би се применувале во практиката. Дали се менува моделот на корпоративно управување со ваквата обврска, не би можело да се даде конкретен одговор. Ова зависи првенствено од националниот модел на корпоративно управување кој, пак, зависи од многу фактори: структурата на акционерската сопственост; искрената желба да се обелоденуваат релевантни информации; историјатот на создавањето и развојот на акционерството; заштитата на правата на акционерите, особено малцинските и други. Токму поради ова и не постои европски кодекс на корпоративно управување, туку се почитува националниот развој на моделот на корпоративно управување, препорачувајќи, при тоа, да се инкорпорираат одредени меѓународно признати начела на корпоративно управување.

Што велат најдобрите практики, дали е почесто внатрешните ревизори да бидат ангажирани со договор за вработување или со менаџерски договори?

Во согласност со одредбите на ЗТД, секое акционерско друштво ги утврдува внатрешната организација и начинот на којшто се врши координацијата на водењето на работењето на друштвото. Организациската поставеност на службата за внатрешна ревизија, правата, одговорностите и нејзините односи со другите организациски единици на друштвото, како и одговорноста и условите за назначување на раководителот на службата за внатрешна ревизија ги уредува органот на надзор. Според мене, раководителот на службата за внатрешна ревизија, односно внатрешниот ревизор, би требало да има статус на раководно лице и да склучи менаџерски договор.

Колку внатрешниот ревизор или службата за внатрешна ревизија и нивниот извештај влијаат врз процесот на одлучување на ниво на акционерско друштво?

Секако дека влијаат врз процесот на одлучување на ниво на акционерско друштво. Ова се гледа од одредбите на ЗТД, каде што се утврдуваат надлежностите и одговорноста на службата за внатрешна ревизија, особено нејзината должност веднаш да ги извести органот на надзор и органот на управување доколку утврди одредени неправилности во работењето на друштвото во текот на контролата. Од друга страна, ЗТД предвидува должност и можност органот на надзор да задолжи ревизор да се изјасни по прашања кои спаѓаат во доменот на неговите овластувања. Оттука, службата за внатрешна ревизија треба да се гледа како составен дел на целокупното компаниско функционирање. Фокусот не треба да се става само на усогласеноста со законската регулатива. Напротив, внатрешната ревизија треба да се биде неизбежен дел од вкупната компаниска организациона култура, со ставање силен акцент на внатрешната ревизија како еден од предусловите за создавање на копманиски вредности и етика.

Агенцијата „Академик“ издава правна литература. Се надеваме дека нема да ни забележите ако си земеме слобода да Ве прашаме што ѝ е потребно според Вас на стручната јавност од правна литература?

На ова прашање би можел да одговорам од гледна точка на мојата главна научна преокупација – деловното право. Секако дека учебниците се најважни. Но, во услови на секојдневно менување на релевантните закони (ЗТД, на пример), но и на легислативата на ЕУ, многу е тешко да се напише референтен учебник. Често им велам на студентите дека не би било лошо да се преземат искуствата од западните земји при што првиот дел од учебникот би се состоел од основните правни институти на одредена правна дисциплина во домашното и во споредбеното право, додека вториот дел би бил лесно заменлив (looseleaf), односно би се однесувал на позитивното право и сите законски измени и дополнувања би се вметнувале во текот на предавањата. Колку за пример, да го земеме институтот „зделка со заинтересирана страна“. Би се дале теоретско-историско-споредбените аспекти на овој институт, а во вториот дел од учебникот би се укажало на тековните позитивно-правни решенија на институтот и кога и зошто дошло до измени. Секако, за позитивистичките предмети важни се и коментарите на релевантните закони со вклучена продлабочена судска практика. Мора да се споменат и практикумите како учебни помагала кои ќе помогнат во зголемувањето на студентските компетенции и вештини доколку сакаме да воведеме иновација во правното образование, насочена првенствено кон потребите на пазарот на труд. Но, за ваквиот пристап треба создавање на услови за поактивен ангажман на академски подмладок, со кој би се конкурирало на проекти со цел да се биде постојано во тек со современите трендови. Во спротивно, сѐ би се свело само на добра желба на поединци.

На кој наслов и од која област посебно би се израдувале кога би ги виделе во книжарниците?

Има премногу наслови. Тука би ги споменал професорите на чии предавања сум имал можност да присуствувам и да читам нивни текстови, како што се: Клаус Хопт, Рајнер Кулмс, Катарина Пистор, Џон Кофи, Бернард Блек и други кои се бават со споредбено компаниско право, корпоративни политики и корпоративно управување. Би го споменал и Марсел Фонтаин како еден од најголемите експерти за материјата на изработка на меѓународни трговски договори и анализа на договорни клаузули. Секако, би сакал овие автори да станат што подостапни за нашите студенти. Ако не најновите изданија, кои се прескапи, тогаш како потенцијален декан би ја искористил можноста што ја нудат некои странски библиотеки преку своите амбасади во Република Македонија, а тоа е подарување на постари изданија на библиотеките на универзитетите и факултетите во Република Македонија. 

>> ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ИЗГЛАСА: Проф. д-р Горан Коевски предложен за нов декан


Објавено: 1.09.2015

akademik@akademik.mk