/ Прочитано:

2.014

ИНТЕРВЈУ СО КИРИЛ ЧАВДАР ЗА НОВИНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ

Новиот Закон за извршување стапи на сила на 20 април, а ќе започне да се применува од 20 август 2016 година. Во новиот закон се вклучени бројни измени кои носат нови решенија за спроведување на постапката, за роковите, за правозаштитните барања и за улогата на лицата кои се вклучени во постапката. Донесувањето на целосно нов Закон за извршување е во насока на прецизирање на законските одредби во делот на постапувањето на извршителите при спроведувањето на извршувањето, надминување на различните постапувања од страна на извршителите, како и пропишување на законски одредби за ефикасно спроведување на извршувањето.

foto akademik

Професорот Кирил Чавдар, кој ќе биде предавач на обуката на Академик посветена на новиот Закон за извршување која ќе се одржи на 9 јуни, вели дека во новиот Законот за извршување се востановуваат значајни и суштински новини и измени на извршната постапка, особено во поглед на спроведувањето на постапката,  правозаштитните барања и улогата на лицата кои се вклучени во постапката.  Во таа насока, Чавдар нагласува дека една од главните измени во Законот за извршување е укинувањето на членот 196 со кој, како што појаснува професорот, можеше да се спроведе извршување врз недвижности што не беа запишани во Катастарот на недвижности.

Проф. д-р Кирил Чавдар, кој е автор на најпродаваниот Коментар на Законот за извршување, подготвува и Kоментар за новиот Законот за извршување.  „Коментарот, кој го подготвував заедно со мојот син, проф. д-р Кимо Чавдар, е веќе готов и се очекува да излезе како издание на Академик во месец август“, вели професорот Чавдар.

„Со новиот закон овој член се укинува и нема да може да се извршува присилна наплата на долгови на недвижности кои не се запишани во Катастарот на недвижности, со тоа што во членот 25 е предвидено дека предмет на извршување може да биде само недвижност што е запишана во Катастарот на недвижности“, образложува професорот.

Тој посочува дека според податоците има околу 350 илјади дивоградби за кои се поднесени барања за легализација и нагласува дека со таа одредба нема да може да се спроведе извршување врз тие 350 илјади  сè додека не се добие акт за легализација.

„Тоа ќе трае со години. Моето мислење е дека во такви случаи и Законот и самата практика на извршителите на некој начин треба да се спроведат и да се канализираат преку извршувањето така што на местото на барателот за легализација ќе стапи лицето кое ја купило таа недвижност. Исто така, имаме многу недвижности кои се во градба, со документација, а бидејќи не се запишани во Катастарот на недвижностите, над нив нема да може да се спроведе извршување. Според моето мислење, и врз нив треба да може да се спроведува извршување, дури и врз основа на постојниот закон. Во Законот за градење има одредба каде што стечајниот управник е овластен да ја продаде зградата, ама не и самата зграда што се гради, туку индиректно преку продавање на правото на градење на стечајниот должник. И во тој случај, на местото на тој стечаен должник што ја гради зградата ќе може да се спроведе измена кај органот што издава одобрение за градење,  значи, измена на инвеститорот, и тогаш ќе може тој да стане сопственик. Тука тоа прашање е решено во корист на доверителите“, вели професорот Чавдар, додавајќи дека и барањата на извршителите одат во оваа насока.

foto akademik

Чавдар истакнува дека наплатата на комуналните услуги ќе биде, како што вели, многу тегобно прашање. Практично, појаснува професорот, извршителите ќе се претворат во поштенска институција која ќе треба да ги опоменува должниците и тоа ќе зафати голем обем од работата на извршителите.

„Се работи за многу комунални организации. Прашање е како ќе се справат извршителите со тоа оти тоа е огромна работа. Се работи за десетици илјади ненаплатени предмети“, вели Чавдар, додавајќи дека ваквите решенија имаат одредени недоречености, што исто така ги прават дискутабилни.

Професорот Чавдар истакнува дека на неговото предавање на обуката на Академик особено ќе се осврне на разграничувањето на правозаштитните средства приговор и тужба, кои ги имаат на располагање самите должници.

„На обуката особено ќе се осврнам на разграничувањето меѓу правозаштитното средство приговор, кој може да го истакне секој должник и секој доверител доколку извршителот стори незаконитости во работењето, и тужбата, која ја имаат на располагање и самите должници и самите доверители и трети лица чии имот е зафатен со извршувањето, а во Катастарот се води како имот на должникот. Тука спаѓаат, да речеме, брачните другари, на пример кога една куќа е запишана на име на мажот кој е задолжен, а таа куќа претставува заедничка сопственост и на мажот и жената. Во овој случај со извршувањето се зафаќа и во имотот на жената. Но, ова прашање не може да се реши со приговор бидејќи и извршителот и судот, кога решаваат по приговорот, гледаат како е запишано во Катастарот на недвижностите. Или, пак, тука може да се даде примерот со една нива која во Катастарот е запишана на едно лице, а друго лице е сопственик. Вакви грешки во праксата има многу. И тука не може да се оди со приговор, туку со тужба. Поконкретно за овие тужби ќе се осврнам на моето предавање на обуката бидејќи од исклучителна важност е да се знаат овие разграничувања“, вели професорот Чавдар.

Професорот истакнува дека и тужбата при јавно наддавање како новина во Законот за извршување ќе биде предмет на неговата елаборација и на предавањето на претстојната обука на Академик посветена на новините во Законот за извршување.

foto akademik

„Треба да се нагласи дека во Законот се регулира и тужбата при јавно наддавање, која може да ја поднесе учесник во јавното наддавање. Со оваа тужба учесникот во јавното наддавање може да го побива заклучокот на извршителот, а заради сторување на некои неправилности во извршувањето и во самото наддавање. Сега со измените во Законот, за разлика од порано, специфицирано е кој може да ја поднесе таа тужба, а тоа е учесникот во наддавањето, и во тој случај се стопира извршителот да не може да продолжи со тоа извршување и  со наддавањето сè додека не реши судот. Тука треба да се нагласи дека се дозволува и изрекување на привремена мерка со која на извршителот ќе му се забрани да продолжи со тоа наддавање“, појаснува професорот Чавдар.

Во контекст на осигурувањето на извршителите, професорот Чавдар коментира дека се работи за решение кое не е допрецизирано, а во контекст на Законот за облигационите односи. Тој појаснува дека, според Законот, извршителите се должни да се осигурат за надомест на штета до вредност во износ до 100 илјади евра.

„Во Законот се вели дека осигурителното   друштво   има   право   на   регрес   од   извршителот   за надоместената штета само во случај кога штетата е причинета по вина на извршителот. Меѓутоа, тука прашањето е дали се мислело на секоја вина. Во ЗОО има три степена на вина – првиот степен е намерно причинување на вина, вториот степен е крајно невнимание и третиот степен е обично невнимание. Ако ја возите колата регистрирана со возачка дозвола, вие сте осигурени. Меѓутоа, во таков случај, ако причините штета, осигурителот нема право на регрес спрема вас, освен ако штетата сте ја причиниле намерно. Ако сте ја причиниле штетата со крајно или со обично невнимание, осигурителот нема право да бара од вас регрес затоа што плаќате осигурување. Сега се поставува прашањето, како тоа извршителите плаќаат осигурување, а да треба, според она што е ставено во Законот, осигурителното   друштво  да  има   право   на   регрес   од   извршителот  за надоместената штета и во случај кога штетата е причинета по вина од обично или крајно невнимание на извршителот . Тоа не е правично. Во договорите што ги склучуваат со осигурителот, извршителите треба да го исклучат правото на осигурителот на регрес во случај на обично невнимание“, вели професорот.

„Има една работа на која сакам да укажам, додава Чавдар, таа се однесува на прашањето за поништувањето на трансакциите кое регулирано во Законот за извршување.“

foto akademik

„Ние во облигационото право тоа го нарекуваме побивање на правни дејствија на должникот.  Во Законот за извршување се нарекува поништување на трансакции. Ова се однесува на случај кога должникот должи пари и знае дека ќе се донесе пресуда со која тој ќе биде задолжен. Тој располага со својот имот и им го пренесува на своите блиски без надоместок или фиктивно го продава некому, со цел тој имот да не му го фатат, и во тој случај ако продажбата е извршена од пред шест месеци од донесувањето на пресудата со која е задолжен да плати, таа трансакција се поништува. Последиците од побивањето на правните дејствија на должникот според ЗОО и на последиците од поништувањето на трансакција од Законот за извршување се исти, во конкретен случај зависи од тоа кои институции сака да ги примени доверителот, односно за кои во конкретниот случај ќе се определи, согледувајќи кое е полесно за докажување“, вели Чавдар.

Професорот Чавдар додава дека на обуката во организација на Академик, исто така, особено внимание ќе посвети и на засилената улога на извршителите во судската постапка, а во контекст на можноста за поднесување на жалба на пресудата, потоа за можноста лицето што е оштетено да поднесе тужба, но само по претходно поднесен приговор, како и за улогата на адвокатите во извршната постапка.

М.В / veljanoskim@akademik.mk