/ Прочитано:

2.780

ИРЕНА БРЗАНОВА: „Со новиот ЗОУП ќе се зајакне правната заштита на странките во управните постапки“

Петок, 19 септември 2014 – Со Законот за општа управна постапка, кој се предлага да биде донесен, ќе се зајакне во голема мерка правната заштита на странките во управните постапки, односно интересите на граѓаните и правните лица, вели Ирена Брзанова, претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка.

„Во таа насока од големо значење за постапката е обврската на второстепениот орган кога ќе постапува по втор пат по ист предмет, тој да мора самиот да го реши, односно да го реши мериторно и да одлучи за постоење или непостоење на правен основ за стекнување или губење на определните права или обврски на странката“, смета претседателката на Комисијата, Ирена Брзанова, додавајќи дека со законот би  се зајакнала примената на принципот на мериторност во управните постапки и се скратува времето на решавање на предметите во управната постапка.

„Тоа за граѓаните и компаниите во Република Македонија значи поголема брзина во решавање на нивните жалби, но и поголема ефикасност и економичност во водењето на постапките. Ваквиот начин на решавање на управните работи во втор степен, според неа, гарантира ефикасност во остварувањето на правата на граѓаните и правните лица, но и голема одговорност на Државната комисија за правилно спроведување на материјалните закони.

Претседателката на Државната комисија најави дека ова зајакнување во системот на правна заштита и зголемениот обем на работа, бара дополнително кадровско зајакнување за што утре ќе биде објавен оглас за вработување на 32 нови државни службеници од кои повеќето позиции се за дипломирани правници.

Таа информира дека до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен годишно, во просек стигнуваат по 8.000 жалби, најмногу од социјалната сфера односно и за приватизацијата.

(M.В)