/ Прочитано:

2.169

Испити и лиценци за инспекторите

Вторник, 26 мај 2015 – Инспекторите и сите оние што сакаат да бидат инспектори ќе треба до јули следната година да полагаат испит за да се стекнат со шестгодишна лиценца за работа.

„Инспекцискиот совет денеска го усвои Предлог­-правилникот за полагање испити и во тек е подготовката на прашањата. ­ Инспекторите што имаат привремени лиценци и секој којшто сака да полага за инспектор ќе може да се пријави со барање до Инспекцискиот совет и преку електронскиот систем да полага за инспектор“, рече денеска директорот на Инспекцискиот совет, Ванчо Каргов.

„Во согласност со Законот за инспекциски закон, сите што до 1 јули 2014 година биле распоредени на работно место инспектор се стекнале со привремена лиценца. ­ Меѓутоа до јули следната година сите што имаат привремени лиценци и сите оние што сакаат да бидат инспектори ќе мора да положат испит за инспектор. Со тоа ќе се стекнат со шестгодишна лиценца. Оние, пак, што нема да го положат испитот нема да добијат привремена лиценца и може да им престане и работниот однос“, појасни Каргов.

Новина е и тоа што инспекторите ќе се оценуваат на годишно ниво, што е основа за евентуално нивно наградување или за губење на работното место. На денешната јавна седница Инспекцискиот совет расправа по 12 претставки поднесени против 13 инспектори, од кои четворица трудови инспектори од Струмица, Тетово, Ресен и Скопје, двајца инспектори за заштита и спасување, четворица за храна и еден инспектор од Државниот просветен инспекторат.