/ Прочитано:

7.888

ИСТАКНАТ ПРАВНИК – ЧЕКОРИ ДО УСПЕХ: Да се биде добар правник,  значи да се биде добар човек за кого правото е идеја за правдата!

Во клубот ГЕМ се одржа алумни настан за младите правници насловен  „Истакнат правник – чекори до успех“, кој е дел од практикантската програма на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права.

„Имајќи ја предвид заложбата на МЗМП во промовирање на капацитетите на младите правници како релевантен фактор во обезбедувањето на квалитет во извршувањето на правничката професија, Проектот на УСАИД за заштита на човековите права имплементиран од страна на Македонското здружение на млади правници го организира настанот чија цел е поттикнување на младите правници за кариерен успех и кои квалитети треба да ги поседува еден успешен правник“, беше подвлечено на настанот.

Во рамки на проектот, започнувајќи од 2015 година, се спроведе двомесечна практикантска програма, во која можност за вклучување имаа 375 млади правници. Во оваа програма се вклучени 23 правосудни институции, 17 адвокатски канцеларии и 5 здруженија. На големо задоволство на Македонското здружение на млади правници, беше посочено дека програмата е распространета во 13 градови на територијата на Република Македонија.

Со поздравно обраќање на денешниот алумни настан се обрати Жарко Алексов, директор на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права кој истакна дека големи се задоволството и честа да се биде помеѓу младите правници кои ја претставуваат иднината на македонското право.

Во последните години, истакна Алексов, македонското правно образование го карактеризираат три работи, а тоа се: зголемениот интерес за правното образование,  хиперпродукцијата на правници и проблемот со мобилизирање на младите правници по завршување на студиите.

„Водејќи се од ова, МЗМП во рамки на проектот се обиде да ги пополни овие недостатоци преку имплементирање на проект со посебен фокус токму на младите правници. Проектот има за цел да создаде тим на вешти млади правни професионалци оспособени да ги предизвикаат правниот систем и практика во одбрана на човековите права и основни демократски вредности загарантирани со Уставот“, рече Алексов.

Ние сме убедени, нагласи Алексов, дека сите овие правници се иднината на правната професија со вистински потенцијал еден ден да станат значајни, респектирани и успешни бранители на човековите права, порачувајќи им на многубројните присутни млади правници да работат напорно, да бидат вредни и љубезни бидејќи тоа е патот до успехот кој раководен по тие премиси би бил неизбежен.

Уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска, говорејќи за своите почетоци во високото образование, истакна дека љубовта кон правото ја наследила од својот татко, еден од основачите на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

„Растев во семејство со интелектуално опкружување. За време на моето образование, учев што е можно повеќе јазици. Достапноста на правната, политичката и филозофската литература беше една од претпоставките да се одлучам за правните студии. Имав поддршка од семејството. Додека студирав, студирав за знаење, знаењето е најважно. Не верувам дека за да се биде добар правник, потребно е да се имаат сите десетки, напротив, практиката покажала дека и студентите на кои не им биле сите десетки понатаму се докажале како одлични практичари и правници“, истакна Габер-Дамјановска.

Уставната судијка ги советуваше младите правници да учат што е можно повеќе јазици, да читаат многу книги, да ја збогатуваат правната терминологија, да истражуваат и максимално да се вложат во стекнувањето на нови знаења кои понатаму би биле надградба на нивната едукативна основа.

„Образованието мора да  биде квалитетно. Држава која не се базира на квалитетно образование своите темели ги поставува на песок. Секогаш градете сензибилност за почитување на човековите права и учете од постарите колеги бидејќи искуството е најдобар учител. Никогаш не срамете се да прашате за нешто што не знаете. Бидете креативни! Во современиот свет се цени креативноста, имајте поврзаност со другите, имајте самодоверба и бидете храбри“, нагласи Габер-Дамјановска.

Судијката посочи дека при применувањето на законите, постои доза на хуманост, но и правнички интегритет. Никогаш, рече судијката, не потклекнувајте под коруптивните амбиции на другите и чувајте го интегритетот.

„Не оптоварувајте се дали вашиот став е ставен во политичка конотација и држете се до вашата правна логика и аргументација. Сакајте ја татковината и борете се за владеењето на правото, бидејќи владеењето на правото е заштита од авторитарната власт. Вие сте нашата иднина и во ваши раце лежи идното функционирање на правниот систем. Ако не сте подобри од нас, тоа значи дека ние не сме успеале“, ги советуваше уставната судијка младите правници.

Јавната обвинителка Фатиме Фетаи своето излагање го започна со својата лична максима која гласи: „Не треба да се трудиме да бидеме подобри од другите, треба да се трудиме да бидеме најдобрата верзија од себе“.

Говорејќи за поимот истакнат правник, обвинителката посочи дека овој поим е уставна категорија, но никаде тоа прецизно не се уредува и како што подвлече, со самото тоа во нашиот правен поредок функционира како правен стандард.

„Примената на овој поим беше посочена како спорна точка во Извештајот на Прибе, каде што се вели дека мора да постои јасност за овој стандард или со други зборови – не може секој да биде истакнат правник“, рече Фетаи.

Обвинителката посочи дека самата природа на правните стандарди не бара формализирања, но бара општествена и правна зрелост. Доколку таа не постои, нагласи Фетаи, можни се злоупотреби.

„Затоа е потребна и реформа на свеста. Само докажаните правници со интегритет може да го оживотворат овој правен стандард во Република Македонија. Јас верувам дека младите правници се носители на таа реформа на свеста. Верувам дека вашите имиња ќе бидат синоними за истакнат правник“, рече Фетаи пред младите правници.

Обвинителката им порача на младите правници да имаат јасна цел и амбиција. Јасната цел и амбицијата, нагласи обвинителката Фатиме Фетаи, ќе ве издвојат од толпата и треба да бидете подготвени да вложувате во себе и постојано да се надградувате.

„Никогаш не заситувајте се со она што ви е сервирано. Говорете гласно и не чувајте ги вашите мисли за самите себе. Законите треба да ги знаете онакви какви што се, но не да ги знаете напамет. Законите се менуваат, а правото е жива материја. Размислувајте за правото како идеја за правдата и што вие можете да направите за таа идеја. Секој ден користете го за усовршување, но тоа усовршување мора да биде и на лично ниво. Да се биде добар правник, значи да се биде и добар човек“, истакна Фетаи.

„Како млади правници, треба секогаш да имате на ум дека вие сте тие што треба да ги заштитите човековите права. Општеството на вас како на правници ви доделило таква обврска. Додека чекорите по патот на успехот, ќе наидете и на тешкотии. Некои луѓе нема да веруваат во вас, но тоа не треба да ве обесхрабрува, напротив. На некои ќе им пречи затоа што се добри, но затоа вие треба да бидете уште подобри. Запомнете дека мирното море не создало добри морнари“, нагласи Фетаи.

Таа ги предупреди и младите правници да бидат внимателни амбицијата да не се сврти против самите нив. Затоа, посочи обвинителката, дозволете и да згрешите и научете да си простите и себеси и имајте на ум дека образованието – никогаш не завршува.

Адвокатите кои беа присутни на вчерашниот настан, истакнаа дека вредностите на владеењето на правото треба да бидат водилка за секој правник.

„Доаѓам од адвокатско семејство  кое континуирано се  занимава со адвокатура 50 години. Никогаш не сум ја напуштил адвокатурата и гордост е што доаѓам од адвокатско семејство каде што се негувала љубовта кон правото. За правото, како и за адвокатурата, клучна е љубовта. Може да ги имате најдобрите оцени, но единственото нешто што ве дефинира како правник тоа е љубовта. Не може да има успех ако нема љубов кон професијата. Да се биде правник, тоа подразбира и стил на живеење и тоа според римската максима: – ‘Живеј го животот чесно, никому не правете му зло и секој ќе го добие она што треба да го добие и заслужи’“, истакна адвокатот Александар Гоџо.

Адвокатот подвлече дека правниците треба секогаш да реагираат за законските решенија кои сметаат дека се неправедни и да бидат гласот на совеста. Правниот поредок, рече Гоџо, постојано треба да се става на тест бидејќи за правото е важна и социолошката димензија.

„Најголемото професионално задоволство сум го доживеал кога сум добил судска одлука, која се однесувала на некој што не бил во жижата на општественото внимание и кога ќе можете со задоволство да кажете со овој лист хартија на Судот во Стразбур, со оваа пресуда, се прават општествени промени за сите луѓе“, рече Гоџо, кој ги советуваше млади правници својот професионален мотив секогаш да биде добивањето предмет со кој може да се промени општествениот систем.

„Борете се за правдата и дебатирајте. Не е точно дека судската одлука не смее да се коментира. Тоа е догма и тоа е апсолутно погрешно. Едно е судската одлука да е неприкосновена, а друго е прашањето за коментирањето. Не само што судската одлука е подложна на коментар, туку должни сме како правничка фела да отвораме дебати за тие теми“, нагласи Гоџо.

„Вашиот жар кон правото никогаш не смее да згасне, а тој жар се негува преку постојаното усовршување“, им порача адвокатот Александар Гоџо на младите правници, за кои подвлече дека во нив препознава многу ентузијазам и желба да се биде правник кој ќе биде во постојана одбрана на човековите права и на вредностите на правничката професија кои особено се истакнуваат во деловните и етичките односи со граѓаните и клиентите.

M.В