/ Прочитано:

786

ИСТАНБУЛ: Почина обвинителот – заложник на левичарски радикали

Среда, 1 април 2015 – Турскиот обвинител Мехмет Селим Кираз почина во болница од тешките повреди што ги имаше здобиено во текот на вчерашните пукотници во судската палата во Истанбул, соопштија турските власти.

Кираз беше нападнат во својата канцеларија на шестиот кат од судската зграда и беше земен како заложник од двајца припадници на ултралевичарската Револуционерна партија – Фронт за народно ослободување. Тие пратија фотографија преку Интернет на која беше прикажен обвинителот Кираз со вперен пиштол во главата и се заканија дека ќе го убијат доколку властите не ги исполнат нивните барања.  Заложничката драма заврши со интервенција на турските специјални сили, во која беа убиени двајцата напаѓачи-киднапери, а тешко беше ранет обвинителот.

Преговорите траеле шест часа

 Претставник на полицијата во Истанбул изјави дека преговорите со напаѓачите траеле шест часа, а дека специјалците интервенирале дури кога се слушнале истрели од канцеларијата на обвинителот.

Обвинителот Мехмет Селим Кираз беше задолжен за случајот со убиството на турскиот тинејџер Беркин Елван, кој настрада за време на масовните антивладини протести во Истанбул, кои се одржуваа и во низа други турски градови во 2013 година. Елван имаше 14 години кога беше погоден во главата со канистер со гас–солзавец од страна на полициските сили кои се пресметуваа со демонстрантите. Момчето почина во болница минатата година откако девет месеци помина во кома.

Адвокатот Шукри Ерден, кој преговараше со грабнувачите на обвинителот, синоќа изјави дека тие барале од турската полиција да ги открие имињата на четворицата припадници на специјалните сили кои пукале врз демонстрантите и кои го погодија младиот Елван, кој отстрана ги следел протестите.

Напаѓачите влегле во судската палата претставувајќи се како адвокати

Турскиот премиер Ахмет Давитоглу изјави дека напаѓачите влегле во судската палата прикажувајќи се како адвокати, но засега не е познато како успеале да го провлечат оружјето покрај силните безбедносни мерки во судската зграда.

Оваа ултралевичарска организација е означена како терористичка од турските власти, но и во САД и во земјите на ЕУ. Во 2013 година нејзини припадници извршија бомбашки напад врз Амбасадата на САД во Анкара, во кој беше убиен еден од турските чувари на зградата. Во јануари годинава по неуспешниот бомбашки напад врз премиерската канцеларија во Истанбул беше уапсен еден припадник на Револуционерната партија Фронт за народно ослободување .

Турската полиција денеска уапси дваесетина припадници на илегалната ултралевичарска група.