/ Прочитано:

1.092

ИСТОРИСКА ОДЛУКА НА ВРХОВНИОТ СУД НА САД: Истополовите бракови легализирани во сите 50 држави

Сабота, 27 јуни 2015 – Вчерашниот ден, 26 јуни, влезе во светската историја со одлуката на Врховниот суд на САД да се легализираат истополовите бракови во сите 50 американски држави.

Со одлука 5-4, Врховниот суд на САД одлучи дека клаузулата за еднаква заштита од 14. амандман значи дека сите држави треба да издадат дозвола за истополови бракови во САД.

Хомосексуалните бракови веќе беа дозволени во 36 држави и во областа Колумбија, а вчерашната пресуда значи дека и останатите 14 држави на југот и на средниот запад на Соединетите Американски Држави ќе мора да ја укинат забраната за геј-браковите.

Американскиот претседател Барак Обама ја поздрави одлуката на Врховниот суд како „голем чекор“ кон еднаквоста.

„Денес е направен голем чекор во нашиот марш кон еднаквоста. Двојките од ист пол сега имаат право да стапат во брак токму како и секој друг. Оваа одлука е победа за Америка“, напиша Обама на својот твитер-профил, пренесе Ројтерс.

Бракот – основно човеково право

Случајот, познат како Оберџфел против Хоџис ја оспори дефиницијата на бракот во Мичиген, Кентаки, Охајо и Тенеси како „заедница меѓу еден маж и една жена“, според 14. амандман од Уставот на САД, особено делот што гарантира еднаква заштита според законот.

„Според четиринаесеттиот амандман, државата треба да даде дозвола за брак меѓу две лица од ист пол и да го признае бракот меѓу две лица од ист пол, кога нивниот брак е легално лиценциран и се врши само од државата“, одлучија мнозинството судии, нарекувајќи го бракот „основно човеково право“.

Веднаш по информацијата за пресудата, на официјална страница на Претседателот на САД, Барак Обама на Фејсбук беше објавена фотографија со знамето со виножитото, со зборовите „Љубовта штотуку победи“, додека  на официјалниот профил на Белата Куќа, пак, профилната слика е променета во боите на виножитото.