/ Прочитано:

1.241

ИСТРАЖУВАЧКИ АНАЛИЗИ И ПРЕДЛОЗИ: Подобра правна рамка и засилена контрола над разузнавачките служби е демократски императив

Истражувачите на безбедносните прашања уште пред неколку години алармираа за недостигот од парламентарна контрола врз работата на разузнавачките служби. Регулирање на теренските посети, подобар пристап на Комисијата за надзор до податоци, подготвување компаративни анализи се само дел од предлозите и активностите посветени на ова прашање. Магдалена Лембовска од тинк–тенк организацијата „Аналитика“ во интервјуто за Академик  посочи дека нестабилната политичка клима оневозможува развој и унапредување на парламентарните механизми за парламентарна контрола над разузнавачките служби. Претходно, во текот на јавната расправа по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите, Андреја Богдановски нагласи дека потребата за засилување на надзорот и контролата од страна на Собранието е од императивно значење, за што даде и конкретни аргументи и предлози.

Конкретните механизми што им стојат на располагање на парламентарните комисии се оскудни

„Правната рамка за надзор над разузнавачките служби обезбедува основни услови за надзор. Одредбите можат да се најдат во неколку закони (Закон за внатрешни работи, Закон за Агенцијата за разузнавање и Закон за следење на комуникациите), но тие се многу оскудни во смисла на конкретни механизми што им стојат на располагање на парламентарните комисии. На пример, Законот за внатрешни работи предвидува дека УБК на барање на Собранието овозможува увид и ѝ ги дава на Комисијата потребните известувања и податоци. Сепак, недостасува поконкретна разработка што ќе одговори на прашањата: како се прави увидот, колкав е рокот за поднесување на бараните податоци, дали мора да биде Комисијата во полн состав за да го изврши увидот или за да формира работна група итн. Деловниците за работа на комисиите делумно регулираат некои од прашањата, но тука има уште доста простор за унапредување“, посочува Магдалена Лембовска, чиј примарен истражувачки и научен фокус е насочен кон безбедносните прашања.

Правната рамка треба да дефинира подобри механизми

Лембовска во нејзината „Компаративна анализа на регионалните практики за парламентарен финансиски надзор над разузнавачките служби“, каде што ги анализира и практиките за финансиски надзор над разузнавачките служби од страна на Собранието, меѓу другото, нагласува дека во Македонија правната рамка треба да се разработи со цел да го регулира мандатот на парламентарните комисии и да ги дефинира механизмите кои се на располагање на јасен и прецизен начин.

„Правната рамка треба да се разработи со цел да го регулира мандатот на парламентарните комисии и да ги дефинира механизмите кои се на располагање на јасен и прецизен начин. Тука се вбројува дефинирање на односот со службите, регулирање на теренските посети во разузнавачките служби (Дали треба да бидат најавени или ненајавени? Состав на работната група итн.) и воведување надзорни расправи. Дополнително, треба да се регулира и можноста да се побараат посебни извештаи и информации во текот на годината, воспоставување процедура за барање на дополнителни информации и крајни рокови во кои службите треба да го обезбедат бараните информации. Додека за некои од овие прашања потребни се промени во примарното законодавство, многу од нив може едноставно да се вметнат во деловниците за работа на комисиите“, препорачува Лембовска во Компаративна анализа на регионалните практики за парламентарен финансиски надзор над разузнавачките служби.

Неколку решенија за зајакнување на надзорот предложени во јавната расправа за измените на Законот за следење на комуникациите 

Исто така, во времето на изменување и дополнување на Законот за следење на комуникациите во 2012 год., истражувачот Андреја Богдановски од „Аналитика“ учествуваше на јавната расправа во Собранието и предложи неколку решенија за зајакнување на надзорот, меѓу кои: регулирање на теренските посети, подобар пристап на надзорната комисија до податоци (извештаи, информации и активности од делокругот на работа) од институциите со овластувања за следење, задолжително учество на претставници од институциите на комисиски расправи на барање на Комисијата итн. Освен тоа, Богдановски укажа на потребата од посебен буџет за Комисијата и засилување со конкретна помош и поддршка.

Во текот на јавна расправа по посочениот закон, Богдановски нагласи дека потребата за засилување на надзорот и контролата од страна на Собранието е од императивно значење.

„Имајќи предвид дека со Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за следење на комуникациите би требало да дојде до зголемување на обемот на барањa за следење на комуникациите (со вклучување на Финансиската полиција и Царинската управа во системот) од императивно значење е потребата за засилување на надзорот и контролата од страна на Собранието. Според Извештајот на ЕК за 2011, постојниот парламентарен надзор над користење на наредби за следење треба да се зајакне. Меѓутоа, моментално предложените законски измени не ги опфаќаат контролата и надзорот“, посочува Богдановски, додавајќи дека е потребно сериозно да се разгледа хрватскиот модел на следење на комуникациите.

Сериозно да се разгледа хрватскиот модел на следење на комуникациите

„Потребно е сериозно да се разгледа хрватскиот модел на следење на комуникациите, а тоа е преку воспоставување на еден единствен центар за следење на комуникации кој ќе им служи на различните баратели единствен пристап, а во Хрватска го носи името Оперативно–технички центар за надзор на комуникации“. На овој начин драстично би се намалиле трошоците за опрема, со чии средства би можело да се купи пософистицирана опрема, како и овозможување на поедноставен надзор од страна на телата за надзор“, истакнува Богдановски.

Во оваа пригода,  тој предложи четири препораки со кои суштествено би се зајакнала контролата од страна на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите:

„По барање на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите или, пак, нејзин член, МВР, МОД, Царинската управа, како и Финансиската полиција, поднесуваат посебни извештаи, податоци и информации за активностите од својот делокруг на работа. 

Овластените органи (МВР, Царинска управа и Финансиска полиција и МОД) се должни на барање на Комисијата да дозволат непосреден увид за активностите преземени за надзор на следењето на комуникациите, односно овозможување теренски посети. 

Вработените во МВР, Царинска управа, Финансиска полиција, МОД се должни на барање на Комисијата да учествуваат на комисиски расправи во рамката на овластувања која произлегува од нивните работни места или функции. 

Овластените органи (МВР, МОД, Царинска управа и Финансиска полиција) не може да дадат податоци за идентитетот на соработниците на органите и други лица со кои откривањето на тие податоци би можело да ѝ наштети како на безбедноста на РМ, така и на разузнавачките акции кои се во тек. За да може да се операционализира ова потребна е Комисија.“

М.В

29.4.2015