/ Прочитано:

1.546

Истражување на консултантската компанија „Алтман Вејл“ – адвокатите се неефикасни и незаинтересирани за промени во работењето

Истражувањето кое што е спроведено во САД ги вклучувало ефикасноста на адвокатите, нивната успешност во работата и исполнувањето на очекуваните резултати. Според 88% од испитаниците, адвокатите кои се вработени кај нив се неефикасни, 61% изјавиле дека нивната непродуктивност им го намалува профитот и влијае врз приходите, 65% изјавиле дека нивните партнери често се спротивставуваат на напорите за одредени промени во канцеларијата, додека 72% од сопствениците на адвокатските канцеларии изјавиле дека очекуваат темпото на промени во правната сфера да продолжи да се зголемува и во наредните години.

Консултантската компанија „Алтман Вејл“ минатата недела ги објави резултатите од истражувањето во кое учествувале околу 400 сопственици на адвокатски канцеларии во САД и нивни партнери. Истражувањето ги вклучувало ефикасноста на адвокатите, нивната успешност во работата и исполнувањето на очекуваните резултати.

Според 88% од испитаниците, адвокатите кои се вработени кај нив се неефикасни, 61% изјавиле дека нивната непродуктивност им го намалува профитот и влијае врз приходите, 65% изјавиле дека нивните партнери често се спротивставуваат на напорите за одредени промени во канцеларијата, додека 72% од сопствениците на адвокатските канцеларии изјавиле дека очекуваат темпото на промени во правната сфера да продолжи да се зголемува и во наредните години.

Додека партнерите и сопствениците размислуваат и прават стратегии за развој на канцеларијата, вработените адвокати и правници не ги разбираат тие активности, не се заинтересирани за реални промени и продолжуваат да работат во истата средина.

Еден од коавторите на истражувањето, Том Клеј, за интернет страницата „Bloomberg Law“, изјави дека соодветна едукација на партнерите за сегашната состојба на пазарот е првиот чекор кон остварување на стратешките промени.

Адвокатските канцеларии во спроведеното истражување покажале дека нивната цел е да ги следат промените на правниот пазар, особено по економската криза и рецесијата.

На крајот од извештајот се наведени и неколку заклучоци и завршни поенти кои укажуваат на тоа дека правните фирми го менуваат начинот на размислување за дејствување на пазарот – 39% од испитаниците изјавиле дека прават значителни промени во својот пристап кон пазарот, а 17% изјавиле дека се подготвуваат да го сторат тоа.

Речиси 70% изјавиле дека компаниите се насочуваат кон најмување на самостојни адвокати, така што тој начин на функционирање за нив е поисплатлив отколку да создадат правен оддел кој ќе ги извршува редовните обврски.

Исто така, 68% од испитаниците размислуваат за помал хиерархиски обем во адвокатските канцеларии и намалување на бројот на партнерите. За сметка на тоа, 56% изјавуваат дека планираат да го зголемат бројот на вработените во адвокатските канцеларии.

С. М.