/Прочитано:

176

Истражување на „Томпсон Ројтерс“ за континуираните промени во економијата како предизвик за правните фирми

Континуираните промени во бизнисот и економијата, и сите нејзини последици во деловниот свет, претставуваат предизвик за правните фирми. Клиентите гледаат како да најдат начин за намалување на трошоците за правни услуги. Според „Томпсон Ројтерс“, дел од агенцијата „Ројтерс“, која се занимава и со правни истражувања и новини поврзани со правото, клиентите сè повеќе се незадоволни од фактурите што ги наплаќаат адвокатските канцеларии и бараат алтернативни начини како да ги решат своите правни проблеми.

Адвокатските фирми треба да размислат и соодветно да одговорат на овие проблеми, со тоа што ќе станат поинвентивни при понудата за начинот на плаќање и да покажат флексибилност со барањата на нивните клиенти.

За подобар успех и намалување на непријатните ситуации, од агенцијата препорачуваат неколку практични примери за остварување на бизнис-целите на правните фирми и успех во деловното опкружување. Така, на пример, најпрво тие треба да обрнат внимание на начинот на плаќање кој не треба да биде поволен само за нив, туку и за клиентот, бидејќи на крајот тој треба да ја плати цената, но адвокатската канцеларија треба и да го задржи како клиент и во иднина. За да не се претстави цената на услугата наеднаш и да не излезе дека е преголема за наплата, се препорачува да биде разложена на повеќе видови услуги – дел за часови поминати во работа, потрошен материјал за работа на предметот, да се испрати писмо со намера за идна соработка со клиентот итн.

Во процесот на изнаоѓање алтернативни начини за наплата на услугите, адвокатите треба да водат и тактика за психолошко привлекување на клиентот преку нудење поволности и изнаоѓање начини да се претстави нивната адвокатска канцеларија како сериозна и посветена на успехот на клиентите.

С.М.