/ Прочитано:

2.331

Истражување за туристичките такси во европските градови

Во планираниот буџет за годишен одмор, граѓаните треба да ја вкалкулираат и сумата за туристичките такси кои се должни да ги платат доколку престојуваат во некоја од европските метрополи. Според статистиката на американскиот портал „Кајак“, на кој може да се добијат информации за хотелско или приватно сместување ширум светот, за тоа каде може да се изнајми возило, да се обезбедат авиобилети за разни дестинации, граѓаните може да добијат и детални информации за туристичките такси, кои во најпосакуваните европски дестинации се движат од 7 до 70 евра по лице за еднонеделен престој.

И покрај ниската куповна моќ, македонските граѓани од почетокот на април веќе прават планови за годишните одмори. Агенциите нудат пакет аранжмани, за кои граѓаните имаат можност да добијат одреден попуст доколку се направи уплата до почетокот на јуни. Најчеста дестинација како и досега е Грција, но има и голем број граѓани кои годишниот одмор сакаат да го поминат во некои од европските метрополи, наместо на плажите во Грција, Бугарија, Турција или, пак, на црногорското приморје.

Велат дека со истата сума пари која ќе ја потрошат за 10-дневно апартманско или хотелско сместување во Грција, можат да поминат една недела во некои од европските градови, особено поради многу пониската цена на авиобилетите кои ги нудат нискобуџетните авиокомпании, како и поради можноста да се изнајмат станови за многу прифатливи цени.

Една од основните работи што треба да ја знаат граѓаните е дека во планираниот буџет за годишен одмор треба да ја вкалкулираат и сумата за туристичките такси кои се должни да ги платат доколку престојуваат во некоја од европските метрополи.

Според статистиката на американскиот портал „Кајак“, на кој може да се добијат информации за хотелско или приватно сместување ширум светот, за тоа каде може да се изнајми возило, да се обезбедат авиобилети за разни дестинации, граѓаните може да добијат и детални информации за туристичките такси.

Престолнината на Португалија, Лисабон, на пример, дефинитивно е дестинација со најниска туристичка такса. Доколку букирате хотелско или некој друг вид сместување во Лисабон, такса за престој по ноќевање ќе ве чини само 1 евро и тоа независно од категоријата на хотелот. Ова конкретно значи дека за една недела помината во една од најинтересните европски дестинации, на локалната заедница на име на туристичка такса ќе ѝ оставите 7 евра.

Највисоки туристички такси, според истражувањето на „Кајак“, има во Белгија и во Италија. За еднонеделен престој во Брисел, туристичката такса изнесува меѓу 42 и 70 евра, во зависност од сместувањето, односно дали туристите ноќеваат во хотел со три, четири или со пет ѕвездички.

Цените на туристичките такси во Италија варираат од регион во регион. Доколку престојувате во Рим, еднонеделна такса изнесува 49 евра, а во Фиренца, Венеција или во Милано таксата за привремен престој е 35 евра.

Западноевропските градови како што се Амстердам, Виена или Берлин таксата за привремен престој ја пресметуваат врз основа на цената за хотелско сместување, а не врз основа на категоријата на хотелот. Пресметано во проценти, за одмор во овие градови, на цената за сместувањето ќе мора да се додаде уште околу 3 до 6 отсто за таксата за привремен престој. За еднонеделен престој во Париз пак, туристите плаќаат околу 20 евра на име на такса за привремен престој. Кога станува збор за Франција, таксата за привремен престој е далеку поголема доколку престојот е во хотел со пет ѕвездички.

Во Шпанија е воведена и така наречена еко-такса. Покрај редовната такса за престој на Ибица или Мајорка, на пример, туристите постари од 16 години плаќаат и еколошки надоместок, во зависност од категоријата на хотелот во кој се сместени.

Тоа значи дека хотелите со 3 или помалку ѕвездички од гостите на име на еко-такса наплаќаат по 1 евро од ноќевање, додека оние што се сместени во хотели со 4 или со 5 ѕвездички плаќаат по 2 евра на име еко-такса.

Ваков вид данок лани воведе и Малта која на туристите им наплаќа по 50 центи од ден. Сепак, максималниот износ по лице, независно од бројот на ноќевањата, изнесува 5 евра, што според властите на Малта е разумна граница. На овој начин, сметаат тие, на годишно ниво во државниот буџет ќе се слеат околу 6 милиони евра.

Со Законот за таксата за привремен престој, странските туристи во Македонија плаќаат 40 денари дневно. Во согласност со овој закон, вршителите на угостителската и туристичката дејност се должни наплатената такса за привремен престој да ја уплатат до 15. ден во тековниот месец за изминатиот месец, и тоа:
– 80% од наплатената такса за привремен престој на подрачјето на единицата на локалната самоуправа, вршителите на угостителската и туристичката дејност ја уплатуваат на сметка на единиците на локалната самоуправа и
– 20% од наплатената такса за привремен престој, вршителите на угостителската и туристичката дејност уплатуваат на сметката на Буџетот на Република Македонија.

Во градот Скопје, 80% од таксата за привремен престој наплатена на подрачјето на град Скопје, наплатувачот на таксата ја уплатува на сметка на град Скопје, а 20% на сметка на Буџетот на Република Македонија.

Исто така, во согласност со Законот за таксата за привремен престој, средствата се наменети за општа туристичка пропаганда и информативна дејност и за подобрување на условите за престој на туристите и се користат според посебно донесени програми.

Владата на Република Македонија донесува годишна програма за општа туристичка пропаганда и за информативна дејност на Република Македонија, а годишната програма на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје за општа туристичка пропаганда и за подобрување на условите за престој на туристите ја донесува советот на единицата на локалната самоуправа и градот Скопје.

А. Б.