/ Прочитано:

2.241

Истражување: Зголемена радиоактивност на пепелта депонирана во близината на РЕК Битола

Резултатите од определувањето на специфичната радиоактивност на пепелта од РЕК Битола укажуваат на двојно поголема вредност на индексот на активност од критичната вредност. Овие прелиминарни испитувања укажуваат дека пепелта депонирана на отвореното јаловиште на РЕК Битола е извор на прашина која содржи одредени тешки метали и има зголемена радиоактивност и претставува потенцијална одредена опасност за околното население.

На одделението за онкологија на Клиничката болница во Битола секоја недела се регистрираат по двајца нови пациенти заболени од канцер на бели дробови и други малигни тумори. Според официјалните податоци, бројот на пациенти со канцер на белите дробови е во пораст, особено во последните неколку години и овој број е дури за два и пол пати поголем од просекот на ниво на држава, кој изнесува 43 пациенти на 100 илјади жители.

Лекарите посочуваат дека ваквите податоци се загрижувачки. Иако со сигурност не потврдуваат, тие сметаат дека бројот на заболени од малигни болести забрзано расте како резултат на аерозагадувањето кое потекнува од Рударско-енергетскиот комбинат – Битола.

Последното истражување за загадувањето со тешки метали и радиоактивноста предизвикани од РЕК Битола спроведено преку примероци од почва, мов и пепел од подрачјето околу РЕК Битола што го направи професор Трајче Стафилов, од Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а кое го презентираше Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, покажува дека почвите не се многу изложени на загадување од високи содржини на тешки метали, освен во регионот или непосредната околина на РЕК Битола, но регистрирано е загадувањето на воздухот.

„Од испитувањата на примероците од почви, може да се заклучи дека за поголем број тешки метали нивната содржина е релативно ниска, освен во примероците земени од околината на РЕК Битола кои имаат зголемени содржини на олово и арсен. Ова најверојатно се должи на делумна контаминација на почвите со овие метали преку преносот на прашина од отворената депонија на пепел. Според добиените резултати од извршените анализи на примероците од мов, може да се заклучи дека примероците земени во околината на РЕК Битола имаат зголемени содржини со арсен што укажува на извесно загадување на воздухот со прашина од депонијата на пепел. Во примероци земени во градот Битола и неговата непосредна околина има зголемени содржини и на бакар, жива,  олово и цинк што укажува на загадување на воздухот од индустриската активност и сообраќајот во урбаното подрачје“, истакнува професорот Стафилов во своето истражување.

Што се однесува до радиоактивноста во овој регион на Македонија, професор Стафилов нагласува дека радиоактивноста на пепелта од РЕК Битола и присуството на радиоизотопи се за 3 до 5 пати поголеми од оние што се во почвите.

„Резултатите од определувањето на специфичната радиоактивност на пепелта од РЕК Битола укажуваат на двојно поголема вредност на индексот на активност од критичната вредност. Овие прелиминарни испитувања укажуваат дека пепелта депонирана на отвореното јаловиште на РЕК Битола е извор на прашина која содржи одредени тешки метали и има зголемена радиоактивност и претставува потенцијална одредена опасност за околното население. Во ова истражување е направена споредба на добиените вредности за активноста на елементите ториум, радиум и калиум со дозволените нивоа на активност според Правилникот за максимално дозволени граници на испуштање на радиоактивни материи во животната средина, начин на вршење мониторинг, водење евиденција и поднесување извештаи (Сл. весник на РМ, бр. 162 од 30.12.2009). Според овој правилник, односот на добиените вредности за активност за одлагање на радиоактивни супстанции во цврста состојба не треба да надминува вредност 1. Овој однос за калиумот е далеку понизок во сите примероци, додека односот за радиумот и за ториумот се значително повисоки за примероците од пепелта отколку во примерокот од почва. Ова укажува на зголемена радиоактивност на пепелта депонирана во близината на РЕК Битола“, потенцира професор Стафилов.

Од овие причини, експертите советуваат да се врши покривање на местото, односно на јаловиштето на кое се депонира пепелта, што претставува начин на заштита од дисперзија на прашината во воздухот во околината на Битола.

Истовремено, и Европското здружение за здравје и животна средина ХЕАЛ неодамна даде препорака до земјите на Европската Унија во која нагласува дека во ЕУ до 2040 година треба целосно да се исфрли производството на електрична енергија од јагленот како водечки реагенс. Оваа препорака ја упатија и до земјите од Балканот. Според податоците, пак, од Светската здравствена организација, земјите од Западен Балкан на годишно ниво имаат загуба од околу 18 проценти од својот БДП годишно, поради трошоците поврзани со случаите на прерана смрт предизвикана од загадувањето на воздухот.

А. Б.