/ Прочитано:

2.141

ИСТРАЖУВАЊЕ: Граѓаните ја сметаат полицијата како средство за заштита на интересите на политичките партии

Денеска граѓанските организации „Поинтпулс“и „Аналитика тинк тенк“  ги презентираат резултатите од годинешното истражување на јавното мислење „Мислењето на граѓаните за полицијата“.  Според главните наоди од истражувањето, полицијата е втората институција во која граѓаните имаат најмногу доверба, веднаш по образовниот систем.

„Повеќе од половина од населението (55%) покажуваат доверба во полицијата, но речиси една четвртина (23%) сѐ уште нема доверба. Вработените во приватниот сектор покажуваат најголема доверба во полицијата, а по нив се оние што работат во јавниот сектор и пензионерите“, се вели во истражувањето.

МВР, се истакнува во истражувањето, треба да работи повредно за да добие доверба од невработените лица, студентите и воопшто од младите, бидејќи нивоата на доверба кај овие категории се пониски.

„Нивото на доверба во полицијата меѓу етничките Албанци се зголемило во 2017, што е позитивен тренд со оглед на тоа што процентот во минатото беше многу помал од оној на етничките Македонци. Во моментов, нема значајни разлики меѓу двете етнички групи“, се додава во истражувањето.

Анкетата покажува позитивна перцепција за полициските службеници меѓу населението, особено кога се работи за жени-полицајки. Сепак, граѓаните веруваат дека политиката игра важна улога во полициската работа – почнувајќи со практиките на вработување кои се сметаат за зависни од политичките врски на кандидатот, но исто така, и на оперативно ниво.

„Граѓаните главно ја сметаат полицијата како средство за заштита на интересите на политичките партии или други конкретни групи. Поради тоа, Министерството за внатрешни работи треба да направи значајни напори за да ја деполитизира полицијата и да се осигура во имплементацијата на професионални стандарди на сите нивоа во оваа институција“, истакнуваат од граѓанските организации.

„Иако јавната доверба во полицијата е релативно висока, исто така, има перцепција за широко распространета корупција, што покажува висока толеранција за корупцијата во македонското општество“, додаваат од граѓанските организации.

Сепак, се нагласува во истражувањето, охрабрувачки е да се види дека најголемиот дел (70%) од граѓаните се подготвени да пријават полициска корупција дури и доколку е потребно да откријат лични податоци, што е далеку повеќе од другите земји во регионот.

„Постои широк консензус дека мотивирањето на граѓаните да пријават корумпирани полициски службеници е најнеопходното дејство за превенција на корупција. Оттука, чинителите треба да се фокусираат на промоција на механизмите за надзор и контрола. Одењето во локална полициска станица е првиот избор за пријавување полициска корупција, додека организациската единица за внатрешна контрола, која е всушност одговорна за вакви случаи, не е многу популарен избор. Исто така, интересно е да се забележи дека дел од граѓаните често претпочитаат понеформални канали и попрво би го пријавиле случајот кај познајник кој работи во полицијата“, се вели во истражувањето.

Во однос на невладините организации, граѓаните сметаат дека тие треба да соработуваат со државата во борбата против корупцијата. Истовремено, дел од граѓаните бараат од невладините да играат активна улога против корупцијата, а се препознава и улогата преку истражување и давање препораки.

Оваа недела од Министерството за внатрешни работи најавија реформи на полицијата. Обвинител плус, полициски омбудсман и неупотребување гумени куршуми се дел од најавените реформи на полицијата.

Во изминатиот период, истакнаа од МВР, започната е и реформа на системот за следење на комуникациите на начин што, пред сè, ќе се гарантира независна и експертска контрола, која ќе се спроведе преку зајакнување на капацитетите за собраниски надзор, но и воспоставување нови механизми за цивилна и експертска контрола.

Инаку, граѓаните на Македонија имаат најмала доверба во полицијата меѓу сите членки на ЕУ и државите кандидати за членство, покажува истражувањето на „Евробарометар“.

М.В