/ Прочитано:

892

ИСТРАЖУВАЊЕ НА НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Како се спроведува постапката за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти

Според податоците на Народниот правобранител, најголем број барања за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти поднесени се во општините Куманово, Гази Баба, Прилеп, Битола и Кисела Вода.

akad 2

Фактори што влијаат на должината на постапките

Процентот на вкупно решени предмети е најголем во општините: Илинден – 73 %, Пехчево – 60 %, Гостивар – 53 %, Кочани и Центар – 52 %, Боговиње, Гевгелија и Неготино – 51 %, итн. Од друга страна, најмал е бројот на решени предмети во општините: Липково – само 4 %, Арачиново – 7 %, Сарај – 9 %, Новаци, Пласница и Студеничани – по 12 %.

„Постојат повеќе причини за вака малиот број на решени предмети и неколку фактори кои влијаат на должината на постапките, а како главни би ги посочиле недоставувањето на геодетски елаборат и нерешените имотно-правни односи“, се вели во истражувањето на Народниот правобранител во врска со спроведувањето на постапката за утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти.

При постапување по барањата за утврдување на правниот статус, истакнува Народниот правобранител, се констатира дека подносителите на барањата не ги доставуваат неопходните геодетски елаборати или тие се некомплетни поради што најголем дел од постапките се прекинати.

„Нерешените имотно-правни односи, пред сѐ, сосопственичките спорови и неспроведените оставински постапки, објекти бесправно изградени на земјиште на РМ, се најчестите причини за долгото траење на постапките и во такви околности општините донесуваат заклучоци за прекин на постапката со упатување да се разрешат сите спорни имотно-правни прашања во судска или во постапка пред нотар. При постапувањето по предметите, општините често се соочуваат со проблеми каде што состојбата на самото место не се поклопува со катастарските подлоги или правата на земјиштето не се запишани во катастарот на недвижности“, посочува правобранителот.

Тој додава дека ненавременото плаќање на комуналниот надоместок за утврдување на правниот статус исто така е фактор што влијае врз големиот број на нерешени предмети. Исто така, како проблем го посочува и  честото менување на законската регулатива и недоволниот стручен кадровски потенцијал со кој располагаат поголемиот дел од општините, што секако има придонес во одолжувањето на постапките.

Мерки за олеснување и за ажурирање на постапките

„За надминување на овие тешкотии, општините преземаат мерки за ажурирање на постапките преку непосредно известување на подносителите (писмено или телефонски), преку директни средби со граѓаните, преку соопштенија преку локални медиуми, преку веб-страницата на општината итн. Со големиот број законски измени, определени се мерки за олеснување и ажурирање на постапките, посебно за одредена категорија на граѓани со социјален ризик. Граѓаните примачи на социјална и постојана парична помош, како и граѓаните со ниски примања, до 168 000 денари годишно на ниво на домаќинство, можат да поднесат барања за бесплатен геодетски елаборат во подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности. Со последните законски измени, продолжен е рокот за доставување на геодетските елаборати до 31 декември 2016 година. Предвидена е и можноста за поднесување на нови барања до 31.3.2016 година за утврдување на правен статус, не само за објекти кои се изградени заклучно со 3 март 2011 година туку и за легализирање на терасите кои ги адаптирале граѓаните во колективните станбени објекти во простории за домување“, се посочува во истражувањето.

Со законските измени, додава правобранителот во истражувањето, исто така, се овозможи утврдувањето на правниот статус на објектите што се наоѓаат на земјиште на кое е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура, како и на објекти што се изградени во заштитните крајбрежни појаси на природните и вештачките езера и речните корита, да се врши без да се бара позитивно мислење од надлежното министерство, односно согласност од единицата на локална самоуправа.

Барателите сопственици на бесправно изграден објект покрај вода можат да достават само изјава

„Конкретно, на барателите сопственици на бесправно изграден објект покрај вода, сега им е дадена можност само да достават изјава со која се согласуваат да се утврди правниот статус на објектот на нивна одговорност, при што се обврзуваат дека нема да бараат надоместок на штета што евентуално би настанала поради елементарна непогода. По утврдувањето на правниот статус, овие објекти би биле само запишани во имотен лист, но нема да бидат вклопени во урбанистичкиот план. Истото се однесува и на објектите изградени на земјиште на кое според урбанистичко-планската документација е предвидена изградба на сообраќајна инфраструктура, да можат да се легализираат без одлука на советот на општината, односно на Градот Скопје како досега, со која се вршеше промена на трасата на сообраќајницата или, пак, истата воопшто немаше да се предвиди и реализира. Со ова, сопственикот на легализираниот објект се стекнува со можноста за обесштетување, односно за експропријација.“, истакнува Народниот правобранител.

Подносителите на барањата да не го чекаат крајниот законски рок

Народниот правобранител, заради непречено остварување на правата на граѓаните и заради доследно ажурно спроведување на целиот процес за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти, им препорачува на единиците на локална самоуправа да апелираат до подносителите на барањата да не го чекаат крајниот законски рок за поднесување на геодетските елаборати таму каде што постојат услови, а со цел да се забрза целиот процес и барателите да не се оптоваруваат непотребно, решавањето на имотно-правните односи да се прави по службена должност и во соработка со останатите надлежни органи (Агенцијата за премер и катастар на недвижности и Управата за имотно-правни работи).

Законски измени : Наместо нотарски заверени изјави, само доставување изјава

Правобранителот вели дека е потребно да се иницира измена на постојниот закон, а во однос на  доставувањето нотарски заверени изјави од поранешните сопственици.

„Потребно е да се иницира измена на постојниот закон во кој наместо барателите да доставуваат нотарски заверени изјави од поранешните сопственици или корисници на земјиштето каде е изграден објектот, легализацијата да се врши само со доставување изјава од барателот дека земјиштето на кое е изграден објектот, го имаат купено и непречено го владеат“, истакнува Народниот правобранител, додавајќи дека потребно е да се разгледа можноста на барателите да им се овозможи надоместокот за легализација да можат да го платат на повеќе рати.

„Исто така, потребно е  кадровско екипирање преку ангажирање на поголем број стручни лица (архитекти, правници и сл.) кое би придонело кон зголемена ажурност и стручност при постапувањето, чести обуки и едукација на службените лица, подобрување на условите за работа во однос на информатичко-техничкиот дел за непречено, брзо и ефективно постапување по барањата на граѓаните за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти“, препорачува Народниот правобранител.

М.В