/ Прочитано:

1.479

ИВАНОВ: Сè уште нема правна основа за повлекување на одлуките за аболиција

Како што вели во денешната писмена изјава претседателот Иванов, врвните правни експерти од државава и понатаму ќе продолжат да работат во насока на изнаоѓање на решение во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка.

????????????????????????????????????

Правниот тим со кој се консултирал претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, за можноста за повлекување на одлуките за аболиција по барање на лицата кои не се согласуваат со нив, засега не нашол правна основа како да биде изведено тоа.

Како што вели во денешната писмена изјава претседателот Иванов, врвните правни експерти од државава и понатаму ќе продолжат да работат во насока на изнаоѓање на решение во врска со пристигнатите лични барања за повлекување на одлуката за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка.

„Ги повикувам и лидерите на политичките партии потписници на Договорот од Пржино и тие да се вклучат во овој процес и да понудат правно решение што ќе биде во согласност со Уставот и со законите на Република Македонија. Јас, како и досега така и во иднина, ќе постапувам единствено и исклучиво според Уставот и законите на Република Македонија“, вели Иванов.

Со официјално барање за повлекување на одлуката за помилување до Кабинетот на претседателот Иванов се обратиле Никола Груевски, Бранко Црвенковски, Зоран Заев, Трајко Вељановски, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Лиле Стефанова, Бедредин Ибраими, Живко Пејковски, Владимир Талески и Божидар Јанковски.

И поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков најави дека ќе поднесе барање за повлекување на одлуката на Претседателот. Со одлуката за помилување не се согласува ниту поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, кој преку писмо истакна дека е изненаден од одлуката и дека работел чесно и во согласност со законите.

Одлуката на Претседателот, донесена во вторникот, на 12 април, предизвика протести на повеќе граѓански здруженија поддржани од голем број на граѓани кои бараат негова оставка и повлекување на одлуките. Во однос на протестите, Иванов во писмената изјава вели дека никому нема да му биде скратено правото на искажување на незадоволство, но повикува во остварувањето на тоа право да не се уништува приватниот и државниот имот.

„Република Македонија се соочувала со предизвици и кризи, но секогаш изнаоѓала решенија преку дијалог во институциите, водејќи се пред сѐ од интересот на граѓаните и од државниот интерес“, вели Иванов.

Протестите против одлуката на Иванов продолжуваат и денеска во 18:00 часот во Скопје и во повеќе градови во Македонија. Истовремено, денеска протест за поддршка на одржувањето на предвремените парламентарни избори во Скопје ќе изрази и движењето ГДОМ.

М.С.