/ Прочитано:

742

Ивановски: Новите закони не се на штета на колективниот договор

Петок, 10 јануари 2014 – Со законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор не се деградира колективниот договор. Колективното договорање останува на сила за вработените во јавниот сектор, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Со цел да им се појасни на вработените кои ќе бидат засегнати од примената на овие закони, Ивановски рече дека ќе се направи техничка измена во законите, односно ќе остане само зборот „и“ во делот каде се споменува колективниот договор.

„Во законот стои дека дел од обврските на вработените во јавната администрација се регулираат со договорот или со колективниот договор. Бидејќи станува збор за иста намера дека колективниот договор останува на сила, како и досега, за да им појасниме на вработените, зборчето „или“ се менува и станува само зборот „и“, изјави Ивановски по средбата со претставници од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).

Тој уште еднаш нагласи дека нема да има урамнотежување на платите, односно тие остануваат онака како што се регулирани во материјалните закони или во колективните договори.

Во однос на реакцијата од Синдикатот на УПОЗ кој бара повлекување на законите, министерот Ивановски истакна дека овој синдикат активно бил вклучен во изготвувањето на текстот на законите.

„Сме имале со нив многу состаноци. Минатиот месец имавме пет состаноци во МИОА и морам да кажам дека УПОЗ е само еден дел од мозаикот на вработените кои ќе бидат опфатени со законите. Остануваме отворени да разговараме со сите и предлозите кои се бидат издржани ќе ги внесеме во законот“, нагласи Ивановски.

Од КСС се задоволни од предложените законски решенија и сметаат дека е добро што сега вработените во администрацијата и јавниот сектор ќе бидат опфатени со еден закон.

„Добро е што се носи единствена правна рамка со тоа што ќе се уреди статусот на административните службеници бидејќи досега ова материја беше опфатена со законот за јавни службеници и законот за државни службеници и тие досега беа безброј пати менувани“, рече в.д. претседателката на КСС, Виолета Спасевска.

Конфедерацијата на слободни синдикати смета дека и новиот механизам за оценување на административците и вработените во јавниот сектор ќе биде многу подобар и пообјективен од досегашното оценување.

Предложените закони веќе го поминаа првото читање во Собранието на Република Македонија. Тие ќе почнат да се имплементираат една година од нивното донесување.

Извор: МИА