/ Прочитано:

5.851

ИЗБОР НА СУДИИ: Дури 68 кандидати конкурирале за 5 места во Апелациониот суд во Скопје

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вели дека при изборот на судии се раководеле строго од Законот за судови и од критериумите што треба да ги исполнуваат кандидатите, а не според нечија желба или припадност, како што обвинуваат многумина.

Седница Судски совет

Денеска Судскиот совет на Република Македонија изврши избор на 25 судии во повеќе судови во земјата. Дел од судиите кои беа избрани за основните судови за првпат ќе седнат на судиските столчиња како кандидати кои ја поминале обуката на Академијата за судии и јавни обвинители, додека за во повисоките судови кандидатите биле избрани според потребните критериуми –  бодови и стаж како судии.

Најмногу кандидати беа пријавени за 5 слободни места во Апелациониот суд во Скопје, односно 68 кандидати. Од потребните области, двајца судии се за во граѓанската област, еден судија за кривичната област и по еден судија за трговската област и за областа работни односи.

За кривичар е избран Јани Нича, судија во Основниот суд Скопје 1, кој има работно искуство од 30 години и во моментов работи во Одделението за организиран криминал. Во граѓанската област беа избрани судиите Ѓорги Радојков, кој од 1996 година работи како судија во Основниот суд Скопје 2 и има најголем број бодови. Санде Зиков е избран за судија во областа работни односи, додека Наташа Савова-Димитрова  за трговската област.

На денешната седница беа избрани и 4 судии од граѓанската област за Врховниот суд. За четирите слободни места биле пријавени 15 кандидати. Од нив избрани се Снежана Бајлозова, Надица Андреева, Рахилка Стојкова и Стојанче Рибарев. Од нив како поекспонирани се судијката Бајлозова, која најпрво работеше во Основниот суд Скопје 1 каде што водеше неколку предмети кои беа познати во јавноста, како оној за Агим Красниќи, по што стана судијка на Апелациониот суд во Скопје. Рибарев  доаѓа од местото претседател на Апелациониот суд во Штип.

И покрај тоа што претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, пред одморите нагласи дека недостасуваат најмалку 7 судии и во граѓанската и во кривичната област за да може Судот ажурно да работи, на денешната седница не беа избрани судии кои работат во кривичната област.

Судски совет на РМ, табла

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вели дека при изборот на судии се раководеле строго од Законот за судови и од критериумите што треба да ги исполнуваат кандидатите, а не според нечија желба или припадност, како што обвинуваат многумина.

„Беа избрани судии со највисок број бодови. Тие беа интервјуирани, беше следена нивната работа и тврдам дека се избрани оние судии кои се најкомпетентни и во согласност со законската регулатива која мора да ја почитуваме“, вели Караџовски.

Тој додава дека Судскиот совет е независно тело на независната судска власт и најавата за избори не го спречува да врши избор на судии. Иако денеска беа избрани 25 судии, Караџовски вели дека процедурата за избор е сложена и дека повторно недостасуваат судии во повеќе судови.

„Со денешниот избор на судии надминат е балансот на испразнети судиски места кои треба да бидат пополнети. Ни остануваат уште мал број огласи, така што ќе се трудиме како Судски совет да немаме вакви обемни огласи кои ќе се одолжуваат и да немаме непотребни реакции во јавноста“, вели Караџовски.

Со нови судии беа пополнети и неколку места во основните судови во Скопје. Па така, во Основниот суд Скопје 2 на судиско столче ќе седнат Ерол Абдулахи, Вероника Станоевска и Александра Палашеска. Во Основниот суд Скопје 1 нови судии се Даниела Димовска и Ненад Савески. Дара Арсова е избрана за судија во Основниот суд Велес, додека Ратка Димитрова во Основниот суд Струмица. Сите кандидати доаѓаат од Академијата за судии и јавни обвинители.

За едно место во Апелациониот суд во Битола биле пријавени 6 кандидати, од кои Анита Милошевска е избрана за судија во кривичната област. За три места во Апелациониот суд Гостивар биле пријавени 22 кандидати, од кои Али Алиу и Лилјана Ицкова се избрани за судии во граѓанската област, додека Ханди Зендели за судија во кривичната област.

За две места во Апелациониот суд во Штип конкурирале 15 судии, од кои избрани се Сузана Здравева и Тони Делев. Во Управниот суд избрана е судијката Ељмедине Сулејмани-Асани, додека во Вишиот управен суд избрани се судиите Емрие Зулбери и Рина Исеини.

М. С.