/ Прочитано:

1.337

Избори во Косово: Победи коалицијата ПАН на Тачи и Харадинај, следуваат тешки преговори за формирање Влада

Точната распределба на пратеничките места сè уште не се знае, а изборниот резултат предвидува сериозни и тешки преговори за формирање Влада, бидејќи според првичните резултати, победничката коалиција засега има 47-48 места во косовскиот Парламент, кој брои 120 пратеници. Врз основа на коалицискиот договор, со победата на ПАН, мандатар за формирање нова Влада на Косово ќе биде поранешниот премиер Рамуш Харадинај.

По преброени две третини од гласовите, на вчерашните предвремени парламентарни избори во Косово победи коалицијата ПАН, составена од Демократската партија на Косово на чело со Кадри Весели, која 14 години ја водеше актуелниот косовски претседател Хашим Тачи, Алијансата за иднина на Косово на Рамуш Харадинај кој е и кандидат за премиер и Иницијативата за Косово на Фатмир Лимај, како и уште 10 помали партии.

Победничката коалиција, според последните резултати, освои 34,6 отсто од гласовите, а потоа е коалицијата составена од Демократскиот сојуз на Косово, на премиерот Иса Мустафа и Алијансата за Ново Косово на Беџет Пацоли, а на трето место по освоени гласови од страна на избирачите се најде националистичкото движење „Самоопределување“. Српската листа освои околу 4 отсто од гласовите.

Сепак, точната распределба на пратеничките места сè уште не се знае, а овој изборен резултат предвидува сериозни и тешки преговори за формирање Влада, бидејќи според првичните резултати, победничката коалиција засега има 47-48 места во косовскиот Парламент, кој брои 120 пратеници. Врз основа на коалицискиот договор, со победата на ПАН, мандатар за формирање нова Влада на Косово ќе биде поранешниот премиер Рамуш Харадинај.

Лидерот на ПДК, Весели, околу полноќ прогласи победа на коалицијата ПАН, чие мото на предвремените избори беше насловено „Време е за нов почеток“, притоа заблагодарувајќи им се на сите граѓани во земјата за учеството на изборите.

„Им благодарам на граѓаните на Косово, на нашата партија и коалиција и на сите меѓународни и домашни набљудувачи за успешните избори. Горд сум за денешната победа“, напиша Весели на „Твитер“.

Претседателката на Централната изборна комисија, Ваљдете Дака, соопшти дека изборниот ден поминал без некои поголеми нерегуларности, кои би можеле да му наштетат на изборниот процес и оти своето право на глас го оствариле околу 770 илјади лица или околу 42 отсто од вкупното гласачко тело.

Денеска со свој став околу изборите излезе и српскиот претседател Александар Вучиќ кој истакна дека Србија сака сериозен дијалог со Косово, но како што потенцираше, раководните структури во Приштина треба да знаат дека Србија сака да се почитуваат интересите на косовските Срби.

„Таканаречената ‘воена коалиција’ или ‘коалиција на ветераните’, која го освои мнозинството на изборите во Косово, е таа група што најдиректно ги заплашуваше Србите и тоа ќе ни создаде многу проблеми. Резултатите од изборите ќе ни донесат многу проблеми, но ќе се бориме за стабилност и ќе го продолжиме дијалогот, бидејќи така ќе го зачуваме мирот“, нагласи Вучиќ.

Истовремено, косовскиот претседател Хашим Тачи изјави дека дијалогот помеѓу Приштина и Белград ќе се поставува на претседателско ниво.

„Фокусот на разговорите ќе биде во поширока политичка рамка, која ќе има за цел да се постигне спогодба којашто би водела кон добрососедски односи, нормализација, помирување и соработка… Кој и да ја формира новата влада во Косово, ќе треба да се осврне на формирањето на Заедницата на српските општини и на решавањето на прашањето околу демаркирањето на границата со Црна Гора“, рече тој.

Некои од светските агенции пренесуваат дека Тачи и понатаму ги повторува острите критики кон Европската Унија за нејзиниот пристап кон Косово.

„Не се откажувам од ништо што сум го кажал претходно. Не ја критикувам Европската Унија, туку сум загрижен за нејзиното одолговлекување на развојот на односите меѓу Косово и другите балкански земји. Тоа одолговлекување придонесе за мноштво неевроатлантски идеи во нашиот регион“, додава тој.

А. Б.