/ Прочитано:

5.481

Избрани и именувани лица наместо избрани и именувани функционери – измени на Законот за спречување на корупцијата

Среда, 20 мај 2015 – Министерството за правда предлага нови измени на Законот за спречување на корупцијата. Во предложените измени кои се наоѓаат во собраниска процедура се предлага зборовите „избран или именуван функционер“ да се заменат со зборовите „избрано или именувано лице“, да се воведе Регистар на избрани и именувани лица како единствена база на податоци на избрани и именувани лица и да се воведат прекршочни санкции за непочитување на законските обврски.

„Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата содржи 16 члена. Со предложениот закон се врши терминолошко усогласување на текстот на Законот, така што во целиот текст на Законот во кој било род и број зборовите „избран или именуван функционер“, се заменуваат со зборовите „избрано или именувано лице“, се посочува во законското образложение.

Воспоставување на Регистар на избрани и именувани лица како единствена база

Од Министерството за правда велат дека измените исто така се однесуваат на воспоставување на начелото на доследна примена на личните податоци и воспоставување на Регистар на избрани и именувани лица како единствена база на податоци на избрани и именувани лица, одговорни лица во јавни претпријатија, јавни установи или други правни лица кои располагаат со државен капитал.

„Утврдено е дека податоците што се внесуваат во Регистарот претставуваат информации од јавен карактер, освен податоците заштитени со закон, и истите се објавуваат на веб-страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Утврдена е обврската на институциите и органите кои вршат избори и именувања да ги доставуваат податоците до Државната комисија за спречување на корупцијата, како и роковите за нивно доставување и објавување.  Извршено е дополнување на членот со кој се утврдуваат надлежностите на Државната комисија за спречување на корупцијата, при што истите се надополнети и со надлежноста за водење на регистар на избрани и именувани лица, одговорни лица во јавни претпријатија, јавни установи или други правни лица кои располагаат со државен капитал“, велат од Министерството за правда.

Во предложеното решение, утврдена е обврската на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата за доставување на анкетните листови, покрај до Комисијата  за  прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, и до Управата за јавни приходи, и до Државната комисија за спречување на корупцијата заради нивно објавување.

Прекршочни санкции за членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата

Со предложениот закон, во членот се додаваат два нови членови во кои се утврдени прекршочни санкции за членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата за непочитување на обврските од Законот и прекршочни санкции на лицата кои во согласност со предлогот имаат обврска да достават податоци за евидентирање во Регистарот на избрани и именувани лица до Државната комисија .

„Со измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупцијата се пропишува основ за воведување Регистар на избрани и именувани лица (кој ќе биде поблиску уреден со подзаконски акт), со цел со воспоставувањето на Регистарот да се унапреди управувањето со податоците за имотната состојба и судирот на интереси, во согласност со закон, а да се утврди обврската за доставување на анкетните листови и пријавите за промена на имотната состојба на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата за објавување, така што членовите ќе доставуваат примерок од анкетните листови/пријавите за промена на имотната состојба до Државната комисија за спречување на корупцијата заради објавување, а ќе се уреди и прашањето за утврдување законска одговорност на член на Државната комисија во случај на недоставување анкетен лист, односно пријава за промена на имотната состојба заради објавување“ се посочува во законското образложение.

 М.В