/ Прочитано:

3.770

Излезе од печат третиот бесплатен учебник по предметот „Современи политички системи“

Излезе од печат третиот учебник по предметот „Современи политички системи“, од авторите проф. д-р Саво Климовски, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска и доц. д-р Александар Спасеновски, од едицијата книги наменети за студентите на додипломските и постдипломските студии на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Овој проект, посочуваат авторите, е резултат на соработката на тројцата професори од Катедрата по уставно право и политички систем на овој факултет и на претставништвото на германската фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје и со него, освен што се осовременува наставната содржина на односните предмети, се влијае позитивно и врз студентскиот стандард, со оглед дека овие изданија студентите ги добиваат потполно бесплатно.

Како резултат на оваа соработка, авторите во изминатиот период издадоа и два учебника по предметот „Политички партии и интересовни групи“ наменети за студентите на политички науки што студираат на македонски наставен јазик и за студентите на политички науки што студираат на англиски наставен јазик, како и за постдипломците на правни студии од насоката „Уставно право и политички систем“.

Почнувајќи од јули 2000 година, кога беше отворено претставништвото на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје, беа реализирани значителен број активности кои имаат за цел да придонесат за натамошно подобрување на вкупните прилики во Република Македонија. Во таа смисла, соработката со академската заедница за оваа фондација претставува посебен императив и предизвик, при што поддршката во издавањето на учебни помагала е уште еден логичен чекор во оваа насока. Од Фондацијата, искрено се надеваат дека овие учебници ќе им ги збогатат знаењата не само на студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, туку и на другите академци од другите високообразовни институции во државата, како и на пошироката стручна јавност.

Трите изданија на учебниците може да се најдат на следниве интернет локации:

Политички партии и интересовни групи, верзија на македонски јазик: http://www.kas.de/wf/doc/kas_22422-1442-2-30.pdf?170420131756

Политички партии и интересовни групи, верзија на англиски јазик: http://www.kas.de/wf/doc/kas_45500-1522-2-30.pdf?170420140428

Современи полиитички системи, верзија на македонски јазик: http://www.kas.de/wf/doc/kas_50222-1522-2-30.pdf?171004103134

М.В