/ Прочитано:

5.111

Измени на Изборниот законик за одржување на локалните избори

Група пратеници кои припаѓаат на парламентарното мнозинство во Собранието на РМ предложија Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик. Предлог-законот, се вели во предложените измени, ќе обезбеди одржување локални избори во Република Македонија.

Основна цел заради која се предлага донесувањето на овој закон е надминување на постојните проблеми во Република Македонија, настанати поради неодржувањето на локалните избори во мај 2017 година. Предлогот се заснова врз истите начела врз кој е заснован Изборниот законик.

„Заради надминување на состојбата во Република Македонија поради неодржувањето на локалните избори во мај 2017 година, потребно е да се направат измени во Изборниот законик. Поради ова се предлага измени во Изборниот законик, односно во членот 16 со кој се предлага изборите за членови на советите и за градоначалниците да се одржат во првата половина на октомври“, се вели во законското образложение.

Во првата половина на овој месец од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија објавија соопштение во врска со барањата за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори.

„Ова прашање е исклучиво во надлежност на Собранието на Република Македонија кое бара итно усогласување на сите политички партии во Собранието, во однос на потребните измени во Изборниот законик, но и на сите други активности кои се однесуваат на постапката утврдена во Деловникот на Собранието на Република Македонија како во однос на основање на сите работни тела во Собранието така и во однос на постапката за разгледување и  донесување на законите“, истакнаа од Кабинетот на претседателот на Собранието на Република Македонија.

Претходно, уставните судии едногласно одлучиja да не поведуваат постапка за иницијативите за укинување на одредби од Законот за локалната самоуправа и од Изборниот законик.

„Уставниот суд не е надлежен да одлучува за правни ситуации  кои се во исклучива надлежност на законодавецот, односно на Собранието. Уставниот суд ја цени содржината на одредбите, а не тоа што го нема“, истакнаа од Судот.

„Не сме надлежни да креираме нови правни ситуации“ – Уставниот суд за иницијативите во врска со мандатот на градоначалниците

Законодавецот да најде решение за надминување на состојбата поради неодржувањето на локалните избори

Законските одредби за распишувањето на локалните избори

М.В