/ Прочитано:

1.002

Измени на правилата за тргување на Македонската берза: Се воведува нов тип на налог по најповолна цена

Среда, 15 април 2015 – Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија даде согласност за измените и дополнувањата на Правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, со кои се воведува нов тип на налог – налог по најповолна цена.

„Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија на 67- мата седница, со која претседаваше претседателот на КХВ м-р Елизабета Чингаровска, даде согласност за измените и дополнувањата на Правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, со кои се воведува нов тип на налог – налог по најповолна цена и со кои истовремено се врши модифицирање на постојниот лимитиран налог“, известуваат од Комисијата за хартии од вредност.

Налогот по најповолна цена е наменет за оние клиенти што се подготвени да му дадат право на брокерот да одлучи кога ќе го реализира налогот.

Имено, налогот е без дефинирана цена, но со утврдена количина од страна на клиентот. Брокерската куќа или овластената банка одлучува кога и по која цена ќе го реализира налогот, при што важат ценовните ограничувања за определената хартија од вредност.

Со измените што се вршат во однос на начинот на извршување на лимитираниот налог се воведува можноста клиентот да даде специфични инструкции за реализирање на лимитираниот налог и се доуредува обврската на брокерската куќа или овластената банка да ги преземе сите неопходни активности за извршување на налогот под услови кои се најповолни за клиентот, земајќи ги предвид цената, трошоците, начинот и брзината на реализирање, вредноста и карактеристиките на налогот на клиентот и други околности кои се важни за неговото извршување.

М.В