/ Прочитано:

1.854

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДДВ: Допрецизирање на даночниот третман во постапките за извршување, повластената стапка за прв промет на станови и слободните зони

Петок, 12 јуни 2015 – Потребата за изготвување на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за додадена вредност произлегува од потребата да се дорегулира прометот на добра во и од слободните зони, како и оданочувањето при прометот на добра кои се превезуваат или се испраќаат од земјата во слободните зони, велат од Министерството за финансии.

Според образложението на Министерството за финансии, целта на законското решение е да се измени и да се дополни делот што се однесува на ТИРЗ, потоа да се измени делот со спроведувањето на постапките за извршување и присилна наплата, да се продолжи рокот во кој може да се бара враќање на платениот ДДВ од страна на странски дипломатски или конзуларни претставништва и на меѓународни организации и да се пролонгира рокот на важење на повластената стапка од 5% за прв промет на станови.

Во врска со законските измени кои се во подготовка, од Министерството, велат дека покрај дорегулирањето на оданочувањето и прометот на добра во и од слободните зони,  се врши допрецизирање на даночниот третман на прометите во постапките за извршување и присилна наплата во согласност со Законот за извршување и со Законот за даночна постапка.

„Понатаму, се предлага да се продолжи рокот за враќање на платениот данок на додадена вредност од страна на странски дипломатски или конзуларни претставништва и од меѓународни организации, така што барањето за враќање се поднесува најдоцна во рок од 5 години по истекот на календарската година во која е извршен прометот кон подносителот на барањето“, велат од Министерството.

„Истовремено се предлага пролонгирање на рокот за уште три години во однос на примената на повластена стапка од 5% на првиот промет на станбени згради и станови во оној дел во кој тие се користат за станбени цели и кој ќе се изврши во рок од пет години по изградбата“, појаснуваат од таму.

 М.В