/ Прочитано:

2.552

Измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри: „Учесниците во игрите на среќа играат на застарени автомати“

Министерство за финансии подготвува измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.  Измените, велат од Министерството, се со цел да се регулира увозот на автомати не постари од една година. Исто така, со измените ќе се уреди издавањето на лиценца на правни лица кои ќе вршат увоз и дистрибуција на автомати. Со новите измени  кај приредувачите на игрите на среќа во автомат-клуб се враќа лиценцирањето на секоја деловна просторија, а кај приредувачите на игрите на среќа во обложувалница се предлага со една издадена лиценца од страна на Владата на Република Македонија да можат да се отворат 50 уплатни места и банкарска гаранција, односно депозит од 500.000 евра.

„Во автомат-клубовите се поставуваат автомати кои се постари од 15 години. На приредувачите на игри на среќа никој не им гарантира за исправноста и функционалноста на увезените автомати. Исто така, и учесниците во игрите на среќа играат на застарени и амортизирани автомати наместо на автомати не постари од една година. Во согласност со постојното законско решение, приредувачите на игри на среќа во автомат-клуб со добивањето на една лиценца за автомат-клуб имаат можност да отворат неограничен број на деловни простории. Ваквиот начин на отворање на деловните простории за приредување на игри на среќа на автомати има позитивни ефекти само за приредувачите, на кои им се овозможува со плаќање на надоместок само за една лиценца да отворат голем број деловни простории, а негативни ефекти врз Буџетот на Република Македонија поради помалите остварени приходи по овој основ. Исто така, помали приходи во Буџетот се остваруваат и по основ на приредување на игрите на среќа во обложувалниците“, образложуваат од Министерството за финансии.

М.В