/ Прочитано:

2.380

Измени на Законот за кривичната постапка во делот на посебните истражни мерки

Владата поднесе Предлог-закон во Собранието на РМ за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка. Целта на предложениот закон, се вели во законското образложение, е надминување на постојните недостатоци во областа на посебните истражни мерки, кои беа лоцирани во извештаите на меѓународните организации, а посебно беа обработени во двата извештаи на Прибе.

„Предложените измени произлегуваат од практичното искуство од областа на меѓународната потрага и од компаративната анализа на нашето законодавство со законодавството на земјите во ЕУ (Германија, Австрија и Хрватска), пред сè со цел прилагодување на домашното законодавство со европското законодавство во оваа област преку создавање законска основа за дополнување на примената на посебните истражни мерки за целите на активна меѓународна потрага по лица“, се вели во законското образложение.

Меѓу другото, со законските измени се предвидува основа за примена на посебна истражна мерка за лице за кое е распишана меѓународна потерница за кривично дело од членот 253 од овој ЗКП, во кој се уредува за кои кривични дела може да се определат посебните истражни мерки.

Исто така, се вели понатаму во законското образложение, кај посебната истражна мерка „користење на лица со прикриен идентитет за следење и собирање на информации или податоци“ се предлага и нејзино проширување со можност и за снимање, покрај постојното следење и собирање на информации и податоци, а се предлага и подобрување на текстот и појаснување и на други посебни истражни мерки.

Со законските измени се предлага опфатот на кривични дела за кои можат да се применат посебните истражни мерки да се проширува и со кривични дела против вооружените сили, Глава XXIX од Кривичниот законик.

Измените, исто така, се однесуваат на запирањето на посебните истражни мерки. Во согласност со предвидените измени, се предлага кога ќе се постигнат целите заради кои се определени посебните истражни мерки или кога ќе престанат да постојат основите заради кои се одобрени, јавниот обвинител веднаш да нареди запирање на мерките што ги определил тој, односно за тоа да го извести судијата и да побара нивно запирање.

Ако јавниот обвинител се откаже од кривично гонење или ако податоците собрани со посебните истражни мерки немаат значење за водење на постапката, ќе се уништат под надзор на судијата, а за тоа јавниот обвинител ќе изготви записник. Со измените се уредува материјата за чувањето и ништењето на податоците добиени со примената на посебните истражни мерки.

М.В