/ Прочитано:

917

Измени на Законот за медијација

Среда, 30 септември 2015 – Целта на измените и дополнувањата на Законот за медијација, што е во фаза на прво читање во Собрание, е воедначување на системите за електронско полагање на испитите во земјата и пропорционална примена на прекршочните одредби, особено во однос на изречените парични глоби и другите мерки соодветно на тежината на сторениот прекршок.

„Со измените на Законот за медијација се очекува правилно и законито спроведување на испитот за медијатори и прекршочно санкционирање на неправилностите во спроведување на испитите од страна на лицата кои го следат процесот  на спроведување на испитот“, наведува предлагачот на Законот, Владата на РМ.

Предложениот текст на Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација содржи 4 члена.

Со предложениот член 1 се прецизира начинот на информирање на кандидатите кои го полагаат испитот како и јавноста за датумот и времето  на полагање на испитот.

Со предложениот член 2 се надградува системот за ревизија и надградба на базата на испитните прашања.

Со членот 3 прават измени во членот 50  кој се однесува на полагање на испитот и тоа од ставот (1) со кој се предвидува дека со глоба од 2000 до 3000 евра денарска противвредност ќе се казни одговорното лице кое ќе дозволи да полага кандидат кое не ги исполнува пропишаните услови  законот.

Со додавањето на нови ставови во членот 50 се определува дека Агенцијата за електронски  комуникации врши постојан мониторинг на блокирањето на радио френкфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот, со цел да се спречи секаков вид на електронска комуникација со околината надвор од просторијата за полагање на испитот, како и глоба во висина од 10.000 евра  која ќе се изрече на овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот .  

Исто така, со додавањето на нови ставови во членот 50 се одредуваат условите кои предвидуваат забраната на кандидатот кој полага испит, глобата на овластените претставници, како и  определувањето дека се формира Комисија која треба да врши ревизија на начинот на спроведување на испитот и доколку таа утврди нерегуларности предлага одземање на уверението за положен испит, за што одлучува министерот за правда со решение против кое може да се поведе управен спор. Во Комисијата за ревизија на одржаните испити, ќе членуваат: два претставника на Одборот за медијација, претставник на Владата на Република Македонија, претставник на Министерството за правда и претставник на Министерството за информатичко општество и администрација.

Предвидени  се казни  и за министерот во износ од 1.000 до 1.500 евра доколку не постапува во законските рокови.

Е.П.