/ Прочитано:

1.413

Измени на Законот за полиција

Во Собранието на Република Македонија предложени се измени на Законот за полиција, по скратена постапка.

foto

Со усвојување на предложените решенија, се вели во законското образложение ќе се постигне ефикасно извршување на полициските работи.

„Со Законот за полиција нормaтивно-правно се уредуваат полициските работи, организацијата на полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи. Во делот III од предметниот закон се уредува организацијата на полицијата и условите кои треба да бидат исполнети од страна на раководните структури на соодветните организациски единици. Заради нормативно уредување на резултатите од повеќегодишните реформи во полицијата, како и заради економично, ефикасно и специјализирано извршување на полициските работи, се предлагаат соодветни интервенции во овој дел од Законот, во содржината на членовите 17 и 18 од овој закон“, се вели во законското образложение.

Во предложените законски измени се вели дека за вршење на полициски работи за кои е потребен висок степен на специјализација, како и потреба од ефективно и економично извршување на одредени специфични и сложени задачи за целата територија на Република Македонија, за потребите на секторите за внатрешни работи и на регионалните центри за гранични работи, во рамките на Бирото за јавна безбедност се формираат организациски единици во кои се извршуваат работите од областа на криминалистичката полиција, униформираната полиција, граничната полиција, специјалните полициски операции, како и други работи утврдени со закон.