/ Прочитано:

1.226

ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СПОРТОТ: Истакнатите македонски спортисти и тренери ќе добиваат титули амбасадори на спортот

Вторник, 10 март 2015 – Истакнатите македонски спортисти и тренери ќе добиваат титули амбасадори на спорот, се предвидува во новите законски измени на Законот за спортот.

Промоција и афирмација на Република Македонија

„Имајќи предвид дека во меѓународниот систем на натпревари кој го спроведуваат меѓународните спортски асоцијации, како на клупско ниво, така и на ниво на национални тимови, учествуваат голем број спортисти од Република Македонија, вклучително тренери и останати поединци, односно спортски функционери со македонско потекло, при што постојат такви кои имаат стекнато исклучителен меѓународен спортски углед, Агенцијата за млади и спорт се определи да предложи законско решение со кое на тие лица ќе им обезбеди соодветен статус, односно ќе им се додели титула – амбасадор на спортот и кои преку соодветно дејствување дополнително ќе ја промовираат и ќе ја афирмираат Република Македонија во земјите каде што ја остваруваат својата спортска кариера или, пак, останатата спортска активност“, посочуваат од Министерството за правда, каде што се подготвуваат законските измени што се предлага да бидат изгласани по скратена постапка.

Титулата ќе се доделува со согласност на спортистот, таа е почесна и без паричен надомест

Во законските измени се предвидува дека Советот за спорт како стручно-советодавно тело да му дава мислење на функционерот кој раководи со органот на државната управа одговорен за работите од областа на спортот за доделување титула амбасадор на спортот на Република Македонија на спортисти поединци што имаат стекнато исклучителен меѓународен спортски углед.

По предлог на функционерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, Владата на Република Македонија, со согласност на спортистите, им доделува титула амбасадор на спортот на Република Македонија на спортисти, тренери и истакнати и афирмирани личности од доменот на спортот кои се државјани на Република Македонија и кои со своето дејствување во странство значајно придонесуваат за презентирање на спортот на Република Македонија во светот.

Владата свечено ќе им доделува плакети

„Владата на Република Македонија на носителите на титулата амбасадор на спортот на Република Македонија свечено им доделува плакета. Титулата амбасадор на спортот на Република Македонија е почесна и без паричен надомест. За активностите на амбасадорите на спортот, доколку се потребни финансиски средства за промоција на спортот на Република Македонија, тие се обезбедуваат во согласност и преку соработка со соодветната амбасада на Република Македонија и од средства предвидени во Буџетот на Република Македонија за таа намена, во тековната година“, се вели во законските измени.

Амбасадорите на спортот ќе подготвуваат и извештаи

Амбасадорите на спортот на Република Македонија, покрај обврската за промоција, ќе имаат и обврска да подготвуваат извештаи.

Тие ќе бидат обврзани секоја година најдоцна до 31 јануари во тековната година да достават извештај за претходната година за извршените активности за промоција и афирмација на спортот на Република Македонија до органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот.

M.В / veljanoskim@akademik.mk