/ Прочитано:

1.125

Измени на Законот за технолошки индустриски развојни зони – се бришат одредбите кои се однесуваат на отуѓувањето на земјиштето

Вторник, 7 април 2015 – Нови измени на Законот за технолошки индустриски развојни зони се наоѓаат во собраниска процедура.

На дневен ред на собраниската комисија за економски прашања ќе бидат разгледани предложените измени, со кои се предвидува бришење на одредби кои се однесуваат на отуѓувањето на земјиштето во зоните.

„Со оваа измена на Законот за технолошки индустриски развојни зони  се враќа претходното законско решение, односно решението пред донесувањето на последните измени на Законот за технолошки индустриски развојни зони“, стои во законското образложение.

Во предложените измени се предвидува бришење на одредбите кои се однесуваат на постапката за отуѓување на земјиштето во технолошко индустриските развојни зони.

Понатаму, се брише одредбата која се однесува на тоа дека земјиштето во зоната може да биде предмет на отуѓување, на начин и во постапка во согласност со овој закон.

Се брише и одредбата која се однесува на склучување и на раскинување на договори за отуѓување на градежно земјиште, за кои Владата на Република Македонија дава претходна согласност.

Исто така, се бришат и одредбите според кои беше определено дека зоната може да престане со работа по донесена одлука на основачот на зоната и да продолжи со работа како индустриска зона основана од Владата на Република Македонија само во случај на претходно склучен  договор за отуѓување на градежно земјиште на целиот опфат  на зоната.

Според Министерството за економија, овие законски измени, кои наидоа на поддршка од матичната собраниска комисија, се прават затоа што немало интерес од странските инвеститори за купување на земјиште во технолошко-индустриските зони.

„Владата во март одлучи да го врати старото законско решение за изнајмување и давање под концесија на земјиштето. Како Влада и Министерството за економија ја разгледавме идејата и во декември 2014 година  донесовме заклучок да го смениме Законот и да овозможиме странски компании  да можат да купуваат земјиште во ТИРЗ. По изменувањето на Законот само компанијата Веибо Груп го искористи тоа право. Во континуитет следевме дали има и други заинтересирани и до сега не се пројави  ниту едена друга странска компанија и Владата во март година се реши да го врати претходното законско решение“, вели Беким Незири, министер за економија.

M.В