/ Прочитано:

1.118

ИЗМЕНИ НА ЗРО: „За работничката што ќе роди повеќе деца одеднаш – 15 месеци породилно отсуство“

Вторник, 28 април 2015 – Предложени се нови на Законот за работните односи. Како што се посочува во законското образложение, со измените се предвидува заголемување на периодот на породилно отсуство за работничка која ќе роди повеќе деца одеднаш или ќе посвои повеќе деца.

Во актуелното решение на Законот за работните односи, работничката има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеци непрекинато, а доколку, како што се уредува во Зконот, роди повеќе деца одеднаш, има право на отсуство од една година.

Истото право е утврдено и за работничка што посвоила повеќе деца и која исто така има право на платено отсуство од работа во  траење од една година.

„Со цел да се обезбеди подолг период на работничката за грижа и развој на детето, со измената на Законот се предлага  работничката, односно посвоителката наместо досегашната една година платено отсуство да може да користи платено отсуство од 15 месеци. Се врши промена на одредбите со кои е уредено правото на отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство. Со измената на одредбите наместо досегашните 12 месеци за работничка што ќе роди повеќе деца одеднаш или што ќе посвои повеќе деца, периодот на отсуство се зголемува на 15 месеци“, се вели во законското образложение.

„За спроведување на овој закон, потребни се дополнителни финансиски средства во износ од 10.140.000 од Буџетот на Република Македонија“, се посочува во образложението на предложените законски измени.

М.В