/ Прочитано:

16.510

ИЗМЕНИ ВО НАЧИНОТ НА ПОЛАГАЊЕ НА ПРАВОСУДНИОТ ИСПИТ: Да се биде правник подразбира и умешност за вербално изразување

Во Нацрт-стратегијата за реформи во правосудството се истакнува дека стручните испити, како што се правосудниот, нотарскиот, извршителскиот, медијаторскиот итн., се полагаат по електронски пат, што не дозволува соодветно оценување на квалитетот на лицата што полагаат.

„Студии на случај“ не може да се решаваат на компјутер

„Општ заклучок на целокупната стручна јавност е дека испитот за влез во правничката професија, особено во областа на правосудниот сектор, е недозволиво и сосема нецелисходно да се спроведува без кандидатот вербално да ги искаже своите знаења и да ги покаже своите говорнички вештини. Исто така, ‘студии на случај’ од ниту една правна област не може да се решаваат на компјутер“, се нагласува во Нацрт-стратегијата.

Заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, во контекст на Стратегијата, најавува измени на законските решенија за правосудниот испит. Со измените, вели Ристовски, се воведува повторно усниот дел. Не е во ред, вели заменик министерот, некој да сака да биде  адвокат или судија, а да не го слушнете како говори.

Граѓанските организации, пак, кои се вклучени во консултациите и работата околу реформите во правосудниот сектор, посочуваат дека потребата за измени на Законот за правосудниот испит, исто така, била дел од нивните предлози, кои  биле поддржани од работните групи во Министерството за правда.

Правосудниот испит не овозможува проверка на практичните вештини

Потребата од измени на начинот на полагање на правосудниот испит, истакнуваат од Македонското здружение на млади правници, се констатира и во Извештајот за ставовите, потребите и предизвиците на младите правници во РМ. Овој извештај ги идентификува и анализира проблемите и предизвиците со кои се соочуваат студентите по право и дипломираните правници при преземањето на првите чекори во правничката кариера. Правосудниот испит, се вели во извештајот, не овозможува проверка на практичните вештини на правниците.

Во однос на новиот начин на полагање на правосудниот испит воспоставен со Законот за правосуден испит од 2013, во извештајот се вели дека правосудниот испит не овозможува проверка на практичните вештини на правниците, кои пак се потребни за самостојна примена на прописите во практиката.

Исклучивата примена на методот со избор на еден од повеќе можни одговори е недоволна и непогодна за објективна оцена на знаењето и вештините на дипломираните правници, додека, пак, јавно достапната база на 2000 прашања и 500 студии на случај врз основа на кои се спроведува испитот ги пренасочува кандидатите од проучување закони и литература кон меморизирање на веќе одговорени прашања.

Целта на правосудниот испит, нагласуваат младите правници, е проверка на стручната оспособеност на дипломираните правници за самостојна примена на прописите. Според тоа, испитот треба да биде дизајниран на начин што ќе може да провери дали дипломираниот правник располага со знаења и вештини за самостојно да ги извршува правничките професии за кои како услов е определен правосудниот испит.

Правосудниот испит денес е речиси невозможно да не биде положен

„Со новиот Закон за правосуден испит, поточно со укинувањето на писмениот и усниот дел од испитот, овие клучни вештини не можат да се проверат, со што се доведува во прашање стручната оспособеност на правниците што ќе го положат правосудниот испит. Новиот начин на спроведување на испитот со теоретски дел и студија на случај со прашања на заокружување е ефикасен за проверка на познавањето на правото и донекаде за правното расудување, меѓутоа во никој случај не е доволен за да се провери дали лицето располага со знаења и вештини потребни за примена на правото во практиката“, посочуваат младите правници и студенти по право, додавајќи дека денес правосудниот испит е речиси невозможно да не биде положен.

Мора да се испита елоквентноста

При донесување на измените на Законот за правосудниот испит со кој се предвиде електронското полагање на правосудниот испит, реагираше и стручната јавност,  за која не беше прифатливо правосудниот испит да се полага електронски. Говорниот дел, предупредуваше проф. д-р Кирил Чавдар, не може да се изостави,  правото не е пишана наука. Преку правосудниот испит, нагласи професорот Чавдар, мора да се испита елоквентноста, начинот на изразување и затоа и мора да има устен дел.

„Правосудниот испит треба да биде филтер преку кој ќе се испита знаењето на правниците. Ако се полага нешто со прагматичен концепт, како може тоа да се полага на компјутер!?“ запраша проф. д-р Никола Тупанчевски за кого исто така беше спорен концептот на електронско полагање на правосудниот испит.

Да се биде правник подразбира и умешност за вербално изразување

Повеќе адвокати, пак, коментираа дека да се биде правник, особено адвокат, подразбира и умешност за вербално изразување, ораторски способности, комуникациски вештини, аналитичност, одвојување на она што е битно од небитно и способност за фокусирање на битни делови од текст, случај, ситуација. Системот на заокружување, коментираат дел од адвокатите, младите правници и студентите по право, е систем на препознавање, систем на снаоѓање, а понекогаш и систем на среќа кој не гарантира знаење и разбирање на материјата.

М.В